МЗ: 22-годишниот прилепчанец кој почина од ковид-19 имал дијабет и не бил вакциниран

22-годишниот прилепчанец кој вчера почина од ковид-19, имал дијабетес, примал инсулин и не бил вакциниран, соопшти Министерството за здравство, пренесе СДК.

Четири дена пред да почине момчето било пренесено од Општата болница-Прилеп во ГОБ 8 Септември во Скопје во исклучително тешка состојба, со крајно сериозна форма на болеста.

„Според информациите од установите каде е третиран, 22-годишниот пациент бил пренесен во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ од Прилепската болница со тешка кетоацитоза, pH вредност 6.8, со многу висока гликемија и висока температура од 39 степени. Пациентот боледувал од дијабет тип два и бил на терапија со инсулин. Од прегледот на историјата на пациентот и контактот со лекарите кои го следеле, има податок дека нередовно употребувал инсулин и не одел на контролни прегледи. На рентген при прием му била утврдена билатерана бронхопневмонија, а за време на болничниот престој има тахикардија“, вели Министерството за здравство.

И покрај сите напори на медицинскиот персонал, за жал, пациентот починал.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира