На денешен ден пред 83 години, на 16 јуни 1943 година во месноста Моклиште кај Ваташа беше извршен Ваташкиот масакр – едно од најтешките злосторства врз цивилното население во Македонија за време на Втората светска војна извршено од страна на бугарскиот фашистички окупатор.
Во рамките на Јунската непријателска офанзива, со цел да го задуши народноослободителното движење, бугарскиот фашистички окупатор стрелаше 12 младинци од Ваташа, на возраст од само 15 до 28 години. Претходно, тие биле приведени, испрашувани и малтретирани под сомнение дека им помагале на партизанските одреди.
Утрото на 16 јуни 1943 година селото било блокирано од бугарската војска и полиција. Неколкумина младинци и девојки биле приведени во селската кафеана, каде што биле испрашувани и тепани под сомнение дека одржуваат врски со партизанските одреди. По повеќечасовни мачења, еден младинец и една девојка биле ослободени, додека дванаесет момчиња и четири девојки останале во притвор. Подоцна биле одведени пеш кон месноста Моклиште, под изговор дека ќе бидат фотографирани.
Кај месноста Чаир најстариот меѓу нив, Васо Хаџијорданов, насетил што се подготвува и се обидел да побегне. По него тргнале и останатите. Во тој момент била издадена наредбата за стрелање. Најмладиот од стреланите имал само 15 години. Еден од стреланите пред да умре, успеал да изусти „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!“.
Убиени биле:
- Перо Видев (15)
- Ванчо Ѓурев (19)
- Данко Дафков (18)
- Илија Димов (18)
- Ристо Ѓондев (18)
- Блаже Ицев (20)
- Пане Мешков (18)
- Герасим Матаков (18)
- Ферчо Поп Ѓорѓиев (26)
- Васо Хаџијорданов (28)
- Диме Чекоров (20)
- Пане Џунов (18)
Според сведоштвата на преживеаните и на семејствата, дел од младинците по стрелањето сè уште давале знаци на живот, по што биле доубивани со бајонети. Родителите не смееле ниту достоинствено да ги погребаат своите деца и под закани само набрзина ги покриле телата со гранки и земја.
По завршувањето на војната, главните организатори и извршители на злосторството биле изведени пред суд и осудени. Во чест на 12-те стрелани младинци, во Ваташа е изградена спомен-костурница, а на местото на стрелањето е подигнат спомен-парк со 12 јавори – симбол на прерано згаснатите млади животи.
Ваташкиот масакр останува траен потсетник на страдањата во војната и на цената што ја плати македонскиот народ во борбата против фашизмот. Сеќавањето на ваташките младинци продолжува да живее како опомена никогаш да не се заборават жртвите и ужасите на минатото.