Заврши мирниот граѓански протест на улицата Партизански одреди, каде што 20-годишниот Васил Јованов завчера ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова. Фотографија од Фросина, запалени свеќи, цвеќиња, плишани мечиња, балони… како и транспаренти „не е несреќа, туку убиство“, останаа да сведочат на местото на трагедијата на „Партизанска“.
Граѓаните бараат построги казни и промени со цел во иднина да се спречат вакви немили настани, кои се доста чести на улиците низ Македонија. Револтот е уште поголем со оглед на фактот што возачот им бил познат на органите бидејќи лани бил фатен со дрога и завршил во притвор, а потоа со одлука на судот бил испратен во попрвен дом. Тој предизвикал уште една сообраќајка без возачка на 4 ноември 2022 година, во која едно лице добило полесни повреди. Со изјавена согласност на оштетената јавен обвинител донел решение со кое не се презема кривично гонење, а тој платил глоба од 18.000 денари.
За случајот со усмртената Кулакова на Јованов му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.
„Во однос на повеќе новинарски прашања поврзани со сообраќајната несреќа на булеварот „Партизански одреди“ во која едно лице го загуби животот, ја информираме јавноста дека Судија на претходна постапка во текот на вчерашниот ден, по произнесување на Јавниот обвинител и осомничениот В.Ј., го прифати предлогот и на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165. Ст.1. т.1, 2 и 3 односно Опасност од бегство, Попречување на истрагата со влијание врз сведоци и опасност да го повтори делото“, информираа денеска од Основен кривичен суд Скопје.
Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави построги контроли и казни, но, вели, најважно е правосудните органи соодветно да ги санкционират виновниците. Министерот за правда, Филков, пак, претходно рече дека потребна е промена на целиот систем.
Осомничениот Јованов на 29 јануари, со возило „Пежо 207“, поминувајќи на црвено светло, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, ја прегази Фросина Кулакова која на обележан пешачки премин ја преминувала коловозната лента на булевар „Партизански Одреди“.