„Кога зборува Рацин, зборува Македонија“ е мотото под кое во Прилеп се одржуваат Деновите на Рациновото чествување. Годинешните смотри ООУ Кочо Рацин реши да ги одбележи на малку поинаков начин, со одржување на вакви средби помеѓу збратимените училишта кои го носат името на нашиот великан, училиштето од село Ивањевци од Општина Могила, како и училиштата од Нов Дојран и Блатец, и гимназијалците од гимназијата Кочо Рацин од Велес, кои дојдоа во Прилеп. Чествувањето започна на Могилата на Непобедените со оддавање на почит на борците од НОБ.
Дружењето за овие денови продолжи во училишниот двор на ООУ Кочо Рацин од Прилеп, како и низ старата прилепска чаршија,каде учениците домаќини ги прошетаа своите гости.
„Постојат зборови што длабоко оставаат трага во срцата на секој Македонец, великанот Рацин ни остави аманет да го чуваме неговото дело и да не заборавиме кои сме, од каде потекнуваме и каков аманет треба да им оставиме на идните генерации. Во моментов бевте сведоци на низа воннаставни активности кои што еве баш на овој прв ден се случуваат. Училиштето како институција на децата треба да им стави знаење дека тука не се само за да стекнуваат знаења, многу повеќе се става акцент на вештините кои треба да ги стекнат во 21 век и низ вештините понатаму да пливаат вешто во животот. Она што великанот Рацин преку неговиот пишан збор ни го остави, ние се обидовме низ низа активности кои ќе се случуваат денес и во текот на утрешниот ден да го испромовираме како наше културно наследство“, изјава Габриела Темелкоска, наставничка по германски јазик во ООУ Кочо Рацин.
Учениците велат дека ваквите средби и активности придонесуваат за нивно поголемо и подобро запознавање, дружење, стекнување на нови искуства, како и изучувањето на историјата и традицијата на разни места низ Македонија.
„Кочо Рацин бил македонски писател, роден во Велес. Тој е значаен за Македонија и македонската историја, оставил многу дела во литературата за нас“, вели Стефан Волчески, ученик во ООУ Кочо Рацин Прилеп.
„Денес сме овде и имаме активности за рациновите средби, тие се денес и утре, имаме гости од Велес, Ивањевци, Блатец, Дојран, од сите училишта што го носат името „Кочо Рацин“. Сите се дружиме, имаме многу активности и треба да им го покажеме нашиот град и да ги прошетаме тука. Утре имаме други активности, имаме претстави и се надеваме дека убаво ќе си поминеме и ќе се дружиме сите заедно“, рече Ана Марија Митковска, ученичка во ООУ Кочо Рацин Прилеп.
„Во денешниот ден имавме активности, се запознававме со учениците кај кои ќе престојуваме, во моментот имаме уште активности, а утре уште поинтересни. Тој бил многу сакан човек и во негова чест се создадени овие училишта, тој бил многу значаен за нашата држава“, кажа Бојана Мазнева, ученичка во ООУ Кочо Рацин Нов Дојран.
Во овие два дена за одбележувањето на Рацин е планирана посета на неколку прилепски музеи, како Участакот, Музејот за тутун и манастирот Свети Архангел Михаил во населбата Варош. А ќе се одржи и богата културно-забавна програма во амфитеатарот во населбата Варош.