Претставата „Страв и надеж“ на МНТ од Скопје, работена според според Франц Ксавер Крец, е победник на годинешното јубилејно 60-то издание на театраскиот фестивал Војдан Чернодрински. Одлуката ја донесе трочлената жири комисија составена од Снежана Коневски Руси, како претседател и членовите Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ.
„Имавте во текот на Фестивалот различни изведби, јас веќе како традиционалист или конзервативец можам да кажам дека со нбекои претстави можеби не се согласувам, но имам око и уво да видам што е тоа што ме допира или допира секој член од публиката и едноставно за тоа се определуваш и го одделуваш од другите“, потенцираше Снежана Коневски Руси, претседател на жири комисијата.
„Кога одлучувавме во целина за една претстава тогаш гледавме во компактноста на сите сегменти кои делуваат во еден проект. Големината на ансамблот, избор на репертоарниот текст, односот на режијата спрема елементите на претставата, вклопеност на костимографијата и сценографијата во концептот на претставата, сите тие елементи кога ги сложивме оваа претстава на МНТ беше највпечатлива“, изјави Дарко Лукиќ, член на жирито.
Според уметничкит директор на Фестивалот Ана Стојанска театроте во Македонија треба да поставуваат повеќе македонски драми од современи млади автори.
„Драмскиот текст не е секогаш завршена верзија, го слушнавме и Деан Дуковски, кој ќе каже дека се се создава на претставата. Ајде директорите на театрите, режисерите, продуцентите, да бидат похрабри и да поставуваат македонски драми. Ние само од „Драмолетање“ имаме 7 драми, пред тоа имавме конкурс со Министерство за култура и туризам каде што повторно беа избрани 3 драми. Значи сега имаме еден корпус од 10 драми. Студенти на ФДУ завршуваат со испити драмски текстови, значи повторно имаме драми. Ние треба само да направиме добра стратегија за да ги покажеме тие драми“, додаде Ана Стојаноска, уметнички директор на Фестивалот.
Прилепскиот театар беше најнаградуван со 5 награди и тоа за: за режија на Дејан Пројковски за претставата „Црнила“, награда главна машка улога на Димитар Ѓорѓиевски за улогата на Фезлиев во „Црнила“, наградата за млада актерка ја понесе Сара Спиркоска за улогата на Неда во истоимената претстава, наградата за сценографија се додели Валентин Светозарев, а „Црнила“ ја понесе и наградата за костимографија која се додели на Марија Папучевска. Пет награди кои се доказ дека прилепскиот ансамбл кончено заслужува нова театарска зграда. Иако и без неа тој е неприкосновен на нашата сцена.
„Немаме театар, си направивме наш простор. И тој простор ни донесе успех. Значи имаме убава претстава. Благодарам на сите кои го видоа тој квалитет во претставата. Дај Боже велат јас зградата не прави претстави туку луѓето кои работат. Се додека има луѓе кои работат со љубов како моите колеги актери, техничкиот персонал, организација и сите луѓе од администрација ќе има театар. И секако тука е публиката. Се додека постои таа љубов ќе има сцена, нашиот театар имал многу такви падови, затворање од правен аспект, затворање поради зграда, но нашиот театар воскреснува, а љубовта воскреснува“, истакна Михајло Миленкоски, раководител на прилепскиот театар.
„Јас сум уште под импресии, целата се тресам, толку сум среќна и превозбудена и благодарна на сите овие режисери што ми ја дадоа приликата да бидам дел од овие проекти. Да напоменам оваа година бев присутна на овој фестивал со 3 театарски претстави. Во „Црнила“ на прилепски театар и уште две независни претстави на Тамара Стојаноска „Сина сенка“ и претствата „Драга Јелена Сергеевна“ на режисерот Шенај мандак. И сум особено среќна затоа што сите знаеме колку е тешко еден невработен актер да биде толку активен на сцената“, рече Сара Спиркоска, добитничка на наградата за млада актерка.
Фестивалот го затвора Београдско драмско позориште со претставата „Црно злато“ на Дејан Дуковски. Според српските актери ако се водиме според слоганот на годинешниот фестивал „Храбриот нов театар“ храбро во оваа претстава било тоа што актерите треба да се свои и без наметнување на некаква порака да ја оставата публиката сама да започне да размислива за одредени теми.
„Храбро е да си свој, да го кажеш тоа што мислиш и да правиш добри работи. Не мислам дека е храбро да го прозиваш некого, не мислам дека е храбро да боцкаш, сум работела секаков вид на тетар и таков што боцка и таков што боде во очи. Но некако сметам дека е храбро кога сме честити и искрено се трудиме да правиме добри работи“, рече една актерка од претставата „Црно злато“.
„Во театар се оди поради доживувањето, а не да се даваат некои одговори. Кои сме ние да даваме некои одговори, зошто сме подобр и од било кој што седи во таа сала и не гледа. И сега низ доживувањето на една жена како што е Ангела, мислам кога ние седиме дома и размислуваме како се чувствува една трансродова личност на Балканот, искрено никогаш. И мислам дека е храбро од сите нас што во тие ликови влеговме со целото наше битие и во секоја смисла ги оживеавме до таа мера да тие сега се пред нас вистински живи луѓе со комплетна целина, врз основа на што ние можеме да се поистоветиме со нив и да почувствуваме емпатија и да размислиме што значи да се биде таква личност во едно такво опкружување, во една конкретна ситуација“, додаде нејзина колешка.
Инаку оваа претстава досега не е поставена во Македонија.