Прилеп е комплетно подготвен за 23-от по ред Пиво фестивал кој започнува вечер, а ќе трае се до недела. Локацијата е добро позната во центарот на градот каде се застапени 5 пивари со 20-тина видови на пиво, на 15 штандови. Скарите веќе се запалени, пивото се лади, се чека да дојдат само гостите и да си поминат одлично во фестивалски денови кои не очекуваат.
„Ги охрабрувам граѓаните да бидат сите тука, посебно за моите прилепчани да го користат градскиот превоз, да се движеме пешки за да оставиме повеќе простор за потенцијалните посетители да имаат слободни паркинг места. Располагаме со комплетната инфраструктура на градот, претпријатието е организирано, така и сите јавни комунални претпријатија. Ве охрабрувам да не се грижите за вашата безбедност и безбедноста на вашите домови, има зголемено присуство на припадниците на МВР, значи ги имаме буквално сите предуслови за да понудиме 3 фестивалски денови со многу забава“, рече Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
„За оваа вечер имаме диџеј, потоа ги имаме Bongas and guitars, па го имаме Огнен Здравковски и се разбира ѕвездата Џенан Лончаревиќ. Исто така имаме и алтернативна сцена, се работи за Камената бина, се воведе повторно последниве неколку години, тоа е посебно уживање за младите и за тие што ја сакаат алтернативната сцена. Имаме исто така и детска зона, таа ни е посебно значајна затоа што иако е фестивал на пивото, се разбира дека и децата треба да имаат дел за забава“, кажа Владимир Волчески, водител на фестивалот.
Општината годинава одвои за поддршка на фестивалот 2 милиони денари, а со тоа од локалната самоуправа велат дека ја поддржуваат и локалната економија и туризмот во градот, каде се очекува да дојдат илјадници туристи за овие 3 дена.
„Во непосредна близина ни е и старата градска чаршија, духот на градот, Градскиот часовник кој оваа година слави 200 години од неговата изградба, сериозна понуда не само во вечерните часови, туку за сите посетители преку текот на денот има содржини кои треба да ги посетат, да ги видат трговските објекти низ градот, да го почувствуваат духот на Прилеп онака како ние секојдневно го живееме, навистина има со што да се пофалиме. Да кажам дека Општина Прилеп е главен покровител и сериозни средства одвои за развој на овој фестивал, за поддршка на овој фестивал со цел развој на локалната економија и што е можно поголема промоција на Прилеп и убавините на Прилеп“, Додаде Проданоски.
Од општината очекуваат гости од цела Македонија, а особено да присуствуваат нашите иселеници кои летово се враќаат да ги посетат своите роднини и пријатели.