По 23-ти пат започна Пиво фест во Прилеп. Градот под Марковите кули повторно ги собра љубителите на ладното пиво и вкусната скара, а сето тоа надополнето со добра забава и музика за сите вкусови. Имаше гости од цела Македонија, наши иселеници, како и странци кои слушнале дека тука се одржува Фестивал на пивото.
„Ние сме од Шпанија од Марага. Убаво е тука, ни беше интересно да видиме каков фестивал одржувате тука. Ние сме тука на одмор, бевме во Охрид, бевме во Скопје на Матка, а сега сме тука поради фестивалот“, рекоа двајца посетители од Шпанија.
„Од Хамург доаѓаме. За прв пат сме тука, прекрасно е ова што го видовме досега, би се вратиле повторно тука и идната година“, рече еден наш иселеник од Хамбург, Германија.
„Екстра е супер, петка. Треба да се одржуваат вакви настани за да народот да може да се забавува и да се дружи“, истакна еден прилепчанец.
„Реално е добро затоа што може да се соберем сите на добра забава, со добро пиво, убава скара и друштво“, додаде друга прилепчанка.
„Сега засега добра е атмосферата и нека повелат гостите да дојдат да ја пробаат најубават прилепска скара прочуена низ целата држава, па и на Балканот“, истакна едне угостител.
Од целата атмосфера беа восхитени и дел од музичките ѕвезди кои настапуваат како Огнен Здравковски и Џенан Лончаревиќ.
„Паметам дека имавме организирано со возови доаѓавме во Прилеп за да го гледаме Пиво фест и се враќавме утрината повторно назад со тој воз. Така што отсекогаш ми беше желба да настапам тука и даде Господ еве започнав да се занимавам професионално со музика“, изјави Огнен Здравковски, музичар.
„По втор пат сум на Пиво фест, едно големо благодарам што организаторите и градоначалникот не повикаа нас и што сме дел од оваа голема манифестација. Гледам дека енергијата е навистина добра, публиката не чека и со нетрпение чекаме да настапиме“, изјави Џенан Лончаревиќ, музичар.
„Само едно посакувам, овој фестивал да остане запаметен кај сите посетители како едно убаво чувство кое ќе го понесат од Прилеп од ова што се случува, добра забава, добра храна и ладни пијалоци“, додаде Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
По официјалниот дел забавата продолжи на алтернативната сцена, на Камената бина, а со одлука на Советот работата на сите угостотелски објекти е продолжена во овие 3 дена се до раните утрински часови.