Крушево уште докажа дека полека но сигурно станува дестинација за 4 сезони која е посетувана преку целата година. За прв пат се одржа настанот Крушево отворени денови или саем за туризам, креативни индустрии и гастрономија на кој издавачите на соби, угостителите како и производителите на разни локални специјалитети можеа да ги претстават своите услуги и производи пред гостите. Од здружението „Културен манифест“ кои го организираа овој саем велат дека ваквите настани ќе донесат нови туристи во градот.
„Кои ќе ги почувствуваат убавините на Крушево преку културните настани, преку гастрономијата, преку вкусовите на Крушево и мислам дека ќе има доста позитивни реакции и се надеваме дека во иднина ќе има уште повеќе пријавени фирми, ресторани кои ќе сакаат да учествуваат во целиот настан, а исто и посетители“, изјави Валентин Тасески, претседател на здружение „Крушевски манифест“ Крушево.
Освен прекрасната природа и историја, крушевчани покажа дека може да понудат јавање со коњи, забава во најголемиот адреналински парк во државава, спа центри, мали локални домашни винарии, странси и традиционални специјалитети, па дури и морска храна.
„Конкретно нашиот угостителски објект „Duomo lunch bar“ се наоѓа во центарот на градот, нудиме храна од секаков тип, посебно би сакала тука да ги споменам пиците, тестенините, традиционалното крушевско грне, топено сирење. Упатувам апел до сите и од секаде да дојдат ова лето во Крушево, бидејќи Крушево има богата понуда во текот на целиот летен период. Во текот на овие неколку денови се организира и „Крушево будно“, претходеше „When in Krusevo“ како фестивал, во наредниот период имаме „10 дена Крушевска Република“ која е исто така со голем број на манифестации“, вели Наташа Папакоча, угостотел од „Duomo lunch bar“.
„Тука ги имаме најголемите сместувачки капацитети во Крушево, тоа е прекрасниот хотел „Панорама“ и хотел „Монтана“ кои имаат прекрасни спа центри. Во склоп на хотелите го имаме и најголемиот адреналински парк во Македонија кој работи 4 сезони, па туристите можат да уживаат во секој период. Во центарот на градот имаме и вински клуб, односно винарија која нуди македонски вина и одлично гастрономско уживање во рестораните“, рече Благојче Божиноски, угостотел од Крушево.
„Нашиот семеен ресторан „Pub Istra“ нуди морска храна. Идејата започна од работењето наше во Хрватска, после 5 годишно работно искуство таму се вративме дома и го отворивме овој мал семеен ресторан. Ресторанот нуди можност да се пробаат сите специјалитети, меѓу кои и пастите со морски плодови, школки, ракчиња, педочи, значи имаме повеќе врсти на истарска храна. Исто морам да ја напоменам салатата Истра, идејата е од таму, Истра е позната по својата пршута и неколку видови на сирења и кашкавал. Тука е и нашиот традиционален македонски рецепт за домашни кебапи кој е редок во градот и регионот и е со наш амур“, додаде Оливера Филиповска, угостител од „Pub Istra Krusevo“.
„Јавањето на коњи се одржува покрај езерото, има различни тури и тие се навистина прекрасни и се препорачани за Крушево, да дојдат луѓето да го искусат тоа, затоа што навистина е прекрасно“, кажа Љупче Велеска, угостител.
Се промовираа и книги од локални автори.
„Го искористив за мојот роман „Замокот на Ардељан“ кој веќе е познат на читателската публика, сега излезе од печат и „Доктрината на тишината“, тоа е продолжението, така да љубителите на готската литература имаат можност да дојдат и да купат“, изјави Драгица Ристиќ Стојческа, писателка.
Организаторите се надеваат дека овој саем ќе стане традиционален и дека секоја година ќе има се повеќе компании кои ќе се промовираат, но и посетители.