Директорот на Центарот за јавно здравје Прилеп, д-р Горан Кузески денес на прес конференција истакна дека водата во Крушево е целосно забранета за пиење поради отсуство на резидуален хлор и присуство на бактериите ешерихија коли и ентерококус. Поради тоа за пиење треба да се користи исклучиво флаширана вода, додека водата од градскиот водовот како техничка вода може да се користи исклучиво со минимум 10 минутно превривање.
„Се случува од време на време да имаме пропусти во хлорирањето и да анализираме небезбедни примероци на вода за пиење. Конкретно во Крушево на 20 јули екипа од ЦЈЗ беше во општина Крушево при што беа земени вкупно 5 примероци на вода за анализа, 3 примероци од градскиот водовод со кој стопанисува ЈКП „Комуна“ Крушево и 2 примероци од крајпатни чешми. Уште истиот ден, во однос на физичко-хемиските карактеристики на водата за пиење беше констатирано дека има отсуство на резидуален хлор и веднаш стапивме во контакт со надлежните лица од ЈКП „Комуна“, ги информиравме, а следниот ден веќе заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство, бидејќи тие се надлежни да издадат решение за забрана за користење на водата, се донесе препорака за 10 минутно превривање на водата. На 23 јули кога излегоа и конечните резултати, ЦЈЗ заедно со ЈКП „Комуна“ го информиравме населението, а АХВ донесе забрана за користење на водата за пиење. Забраната е поради отсуство на резидуален хлор, но и зголемен број на контаминенти, т.е. зголемен број на колиформни бактерии, присуство на ешерихија коли и ентерококус, поради што водата е комплетно забранета за пиење и се препорачува конзумирање исклучиво на флаширана вода, додека за комунална хигиена, перење и миење истата треба да се преврива минимум 10 минути. Забраната ќе трае се додека не се добијат 3 последователни негативни резултати на водата за пиење од истите места од каде претходно беа земени примероците. Во средата, четвртокот и денес се земени нови мостри на вода, во тек се анализите и доколку истите овие анализи се уредни АХВ ќе може да даде дозвола за употреба на водата за пиење во Крушево“, изјави Кузески.
Центарот за јавно здравје Прилеп, како јавна здравствена установа од областа на превентивната здравствена заштита е надлежен за територијата на општините Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Долнени, Кривогаштани и Пласница.