Отворање на Младински културен центар, повеќе културни и спортски настани кои ќе го подобрат квалитетот на живот во Прилеп побараа младите кои беа дел од одбележувањето на Светскиот ден на младите на платото под Градската саат кула. Настанот го организираше Локалниот младински совет на Oпштина Прилеп (ЛМС) во соработка со Europe House Bitola.
„Потребни се повеќе активности и пред се да имаме Младински културен центар во градот. Со тој Центар би се поттикнале многу повеќе активности каде младите би се дружеле, да стекнуваат нови искуства и вештини“, изјави Дамјан Николоски, жител на Прилеп.
„Па мислам дека треба да има повеќе младински организации кои би работеле на тоа младите да се развиваат“, кажа Данило Јованоски, жител на Прилеп.
„Сметам дека треба да има повеќе активности во градот каде младите ќе биат повеќе вклучени. Мислам дека сега во моментов нема доволно, сметам дека треба да има организации повеќе младински.
Дали знаете како Општината би можела да ги вклучи младите?
Со спроведување на повеќе активности, да се заинтересираат повеќе за тоа какво мислење имаат младите, да го спроведат истото, а не цело време да се трга настрана нивното мислење и да се користи само од постарите“, додаде Матеја Мургоска, жител на Прилеп.
Дел од нив сметаат дека младите треба да бидат поорганизирани, да преемаат повеќе иницијативи и да знаат каде нтреба да се обратат за да се слушне нивниот глас.
„Значи за да се подобри квалитетот на живот треба младите да се посамоиницијативни и да преземаат ризик и да научат каде треба и каде можат да ги изразуваат своите идеи и кој може да му помогне да ги реализираат истите“, истакна Елена Николоска, жител на Прилеп.
Инаку ова е втор мандат на Локалниот младински совет на Oпштина Прилеп, кој е фомиран пред неколку месеци. Младите не беа задоволни од работата на првиот Локалниот младински совет и сега бараат ова тело да биде вистински претставник на потребите на младите, а не само тело кое ќе постои про форма.
„Ние сме отворени како Локален младински совет младите да се обратат до нас и да ги кажат своите потреби, а ние сме тие кои треба да го кажат нивниот глас пред Општината и пред градо началникот“, рече Матеј Трајкоски, заменик претседател на Локалниот младински совет на Oпштина Прилеп.
„И ова тело треба да претставува своевиден мост за потребите младите и како тие идеи и предлози да стигнат до институциите, односно наша работа е да ги застапуваме младите пред носителите на одлуки, во случајов тоа се Советот на Општина Прилеп, градоначалниот, службеникот за млади и сите тие кои одлучуваат за нашиот град кој што го водат, така што Локалниот младински совет го претставува гласот на сите млади од 15 до 29 години3, изјави Александра Стојаноска, претседател на Локалниот младински совет на Oпштина Прилеп.
Освен панел дискусијата на членовите на ЛМС имаше и отворен микрофон каде младите можеа да се вклучат во дискусијата и да споделат мислење, а настанот беше збогатен и со музичка програма.