„НК Мајмуни Прилеп 1997“ го известува своето членство и целокупната јавност дека се оградува и нема да присуствува на натпреварите на новоформираниот клуб ГФК Победа 2026. По детално разгледување и истражување на целокупната ситуација, дојдовме до сознанија дека и во овој клуб, кој повторно го носи името Победа, е длабоко вмешани луѓе од политичката фела, стои во официјалното соопштение на навивачката група.
Соопштението го пренесуваме во целост.
„Нашиот став отсекогаш бил јасен – спортот треба да биде спорт, а не место за политички интереси и влијанија. Сè додека политиката има свое место во спортот и во клубовите кои го носат името Победа, НК Мајмуни Прилеп 1997 нема да даде поддршка на таков клуб.
Дополнително, сакаме јасно да нагласиме дека ние како навивачка група бевме целосно игнорирани при целиот процес на активирање и формирање на овој нов ГФК клуб. Не бевме ниту информирани, ниту консултирани, ниту прашани за наш став. Нашето име, нашето мислење и ставот на групата не беа ниту споменати, ниту земени предвид во процесот на создавање на клубот кој повторно го носи името Победа.
Сметаме дека по сите години поминати на трибините, по сè што сме поминале заедно со клубот и по сите моменти во кои сме го браниле името Победа, најмалку што заслужувавме беше да бидеме информирани и прашани за наш став. Не бараме никој да одлучува според нашите желби, но не прифаќаме да бидеме игнорирани кога се носат одлуки поврзани со клубот и името за кое сме стоеле со години.
Години наназад бевме лажени, разочарувани и сведоци на најразлични ситуации и местени натпревари. Токму поради тоа, нема повторно да дозволиме името, љубовта и вербата кон Победа да бидат искористени за нечии лични или политички интереси.
Но, на наше големо задоволство, а веруваме и на задоволство на целокупната јавност, дознаваме дека Старата Победа – онаа Победа која има историја, традиција и која го носи вистинското име – повторно е вратена и чиста.
Според информациите со кои располагаме, таа треба да започне со натпревари од 4. А лига, за која веруваме дека експресно ќе го трасира патот назад, онаму каде што ѝ е местото.
Сепак, сакаме да нагласиме дека сè додека не излезе официјалното соопштение, не можеме да потврдиме ништо со сигурност. Доколку информациите се потврдат, тоа за нас ќе биде голема радост и надеж дека вистинската Победа повторно ќе застане на своите нозе.
Секој член на НК Мајмуни Прилеп 1997 има право, како поединец, да присуствува на кој било натпревар и да даде поддршка кому смета дека треба. Но, ниту еден член нема право при тоа да ја претставува навивачката група НК Мајмуни Прилеп 1997, ниту да го користи името и обележјата на групата без заедничка одлука.
Нашиот став останува јасен и непроменет:
-
БЕЗ ПОЛИТИКА ВО СПОРТОТ!
-
ЗА ВИСТИНСКАТА ПОБЕДА!“, стои во соопштението.