Во сабота, 12.09.2026 година ќе се одржи второто издание на „Трофеј ПРИЛЕП“ во организација на ВК „Херој“ и Велосипедската федерација на Македонија.
Станува збор за кружна друмска велосипедска трка, која што се организира во центарот на Прилеп, а на која ќе се натпреваруваат велосипедисти во повеќе категории, односно У-13, У-15, јуниори, кадети, сениори, мастерс, жени, и хоби.
Стартот на трката е од познатите „Реклами“, односно пред плоштадот „Александрија“, се движи по булеварот „Гоце Делчев“ до кружниот тек кај Основниот суд Прилеп каде што се врти лево по „Димо Наредникот“. Се продолжува до „Кеј 9 Септември“, каде се врти лево и се вози до раскрсницата со „Кузман Јосифоски“, каде повторно се врти лево до кружениот тек кај „Марко Цепенков“. Оттука трката продолжува по булеварот се до кружниот тек „Карпалак“, каде се врти полукружно и се стигнува до стартно-целната рамнина. Должината на еден круг е 2.4 километри, а предвидени се од 5 па со до 20 круга по трка, во зависност од категоријата на натпреварувачи.
Во 17:30 часот стартуваат У-13, У-15 и кадети, во 18:15 стартува категоријата хоби, додека во 19 часот стартуваат сениори, јуниори, мастерс и жени.
Трката ќе се вози по сообраќајните правила во Македонија, а патеката ќе биде затворена за сообраќај и истиот ќе биде регулиран од страна на сообраќајна полиција и редарска служба.