Македонски Брод започна со урбано уредување на патеката која од главната улица „Партизанска“ води до еден од најпрепознатливите белези на градот или црквата Свети Никола која уште народот ја нарекува и Тулбе. Оваа црква е карактеристична по тоа што во неа се молат и православните христијани, но и припадниците на Бектешката заедница. Патеката ќе биде долга 150 метри.
„Се со цел да се олесни пристапот на сите посетители и туристи кои го посетуваат овој верски објект, кој навистина е туристичка атракција во Македонски Брод и еден од единствените верски објекти од ваков тип, не само во Република Македонија, туку и на целиот Балкан. Вредноста на целиот проект е околу 1.7 милиони денари и истиот е финансиран од Југозападниот плански регион. Опфаќа пристапна патека, целосно осветлување и урбана опрема, поставување на урбана опрема во самиот објект. Должината на самата патека е околу 150 метри, а опфаќа и плоштад пред влезот на самите скали за влезот во верскиот објект“, изјави Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.
Двете религии тука ги поврзива овој гроб, кој се наоѓа во црквата. Според православните тука се наоѓа гробот на некој старец кој во минатото го спасил селото Грмада од чумата која владеела во тој период, а жителите потоа го споредувале старецот со Свети Никола и затоа царот Урош во 1314 година тука подигнува манастир посветен на Свети Никола. Според бектешката пак заедница ова бил гробот на Хадр Баба нивни светител, тие сметаат дека тука порано немало црква туку теке.
Кога доаѓаат Османлиите на овие простори го уриваат манастирот, а денешниот објект потекнува од 18 век. Според преданието Асан бег кој тогаш владеел со Брод и неговата околија тука сакал да гради сарај, но сарајот секоја вечер се уривал сам од себе. Поучен од постарите дека тоа е можеби казна затоа што Османлиите пред тоа го урнале манастрирот и ги убиле монасите во него, тој наредил тука да се изгради црквата каде ќе се молат и христијаните и муслиманите, а сарајот го направил малку подолу.
Сега мал паркинг со урбано плато ќе се прави и кај обејктот на Сарајот чија фасада во иднина исто така се планира да се реновира.
„Секако дека во овој верски објект доаѓаат од цела Македонија, меѓутоа и надвор од неа. Сите амбасадори кои ја посетиле нашата општина Македонски Брод го посетуваат овој верски објект и ние заедно со Црквата работиме на афирмација и поголема видливост на самиот верски објект, да има што поголем број на посетители. Така да, секој кој дошол во Македонски Брод сака да го посети овој верски објект затоа што навистина е уникатен. Општина Македонски Брод испраќа јасна и недвосмислена порака дека соживотот мора да продолжи затоа што ние живееме на исти простори, соработуваме, делиме иста судбина и имаме исти проблеми“, додаде Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.
Со ова освен urbanata патека за туристите истата ќе ја користат и жителите кои гравитираат во овој дел на градот и од тука може да слезат директно во центарот на Македонски Брод. Претходно овој дел беше крајно запуштен и обраснат со вегетација. Брод во моментов започнува и со изградба на градски паркинг во центарот на градот и изградба на пешачка патека по целата должина на обиколницата целосно урбано опремена.