Македонскиот рубин со нова заштита – се воведува сертификат со кој ќе се знае кој го ископува, од каде потекнува и како се продава

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини продолжува со активностите за целосна институционална заштита, уредување и афирмација на македонскиот рубин.

Во Министерството се одржа работна средба на министерката Сања Божиновска со новоформираната Комисија за македонскиот рубин, претставници на Државниот завод за индустриска сопственост, надлежните сектори за геологија и рударство и директорот на Геолошкиот завод, Ивица Андов.

Формирањето на Комисијата претставува нова фаза во процесот на заштита на македонскиот рубин. Целта е да се воспостави функционален систем преку кој ќе се контролира потеклото на рубинот, неговото ископување, производство и обработка, како и начинот на кој ќе се пласира на пазарот.

„Со заштитата на македонскиот рубин направивме историски чекор, но со тоа работата не завршува. Сега започнува следната, многу важна фаза – да воспоставиме систем кој ќе гарантира дека кога некој ќе купи македонски рубин, навистина знае дека станува збор за рубин со потекло од Македонија, кој е сертифициран, евидентиран и заштитен“, истакна Божиновска.

Особено значајна е соработката со Државниот завод за индустриска сопственост, кој е надлежен за системот на индустриска сопственост и има надлежности поврзани со географските називи и меѓународната соработка во областа на индустриската сопственост.

Со вклучувањето на ДЗИС, Геолошкиот завод и стручните служби на Министерството се воспоставува институционален механизам кој треба да ги поврзе геолошката експертиза, рударската регулатива и правната заштита, со крајна цел македонскиот рубин да добие јасно дефиниран статус, препознатливост и контролиран пазарен настап.

Паралелно со воспоставувањето на домашниот систем на сертификација и следливост, започнат е и процесот за меѓународна афирмација на македонскиот рубин, со амбиција неговата автентичност и потекло да бидат препознатливи и надвор од земјата.

„Македонскиот рубин не треба да биде само минерал кој го знаеме ние. Треба да стане препознатливо име поврзано со Македонија. Затоа работиме на систем кој ќе овозможи неговата вредност да се гради на автентичност, потекло, квалитет и доверба. Само така можеме да создадеме производ кој има и економска и национална вредност“, посочи Божиновска.

Македонскиот рубин е геолошки уникат, познат по специфичната малиново-розева боја, поврзана со присуството на хром во неговата кристална структура. Неговата појава во регионот на Прилеп и Мариово му дава посебна геолошка и препознатлива вредност, а неговата заштита отвора можност за создавање нова додадена вредност преку контролирано искористување, сертификација, брендирање и промоција.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци