Се наоѓаме во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ во Прилеп, а повод за денешниот разговор е тоа што овие девојки од мојата лева и десна страна на натпреварот кој се одржа во Општина Прилеп, од страна на здружението „ GenVibe “, а натпреварот беше за бизнис идеи, го освоија третото место со својата бизнис идеја насловена како „AIR BLOOM“.
Ќе поразговараме повеќе околу целата таа идеја со Стефанија Пилоска. Како се чувствувате за освоеното трето место, за оваа висока награда и нормално за вашата иновација „AIR BLOOM “, или саксија за прочистување на воздухот.
Ние сме тимот „AIR BLOOM“ составен од Стефанија Пилоска, Дарија Конеска или Калина Стојаноска. Нашето иновативно решенија е паметна саксија со вештачко цвеќе и вграден систем за филтрација на воздухот кој покрај својата филтрациона функција има и декоративна и практична улога. Односно, покрај тоа што го филтрира воздухот, задоволува и естетика во просторот во кој се наоѓа. Иако досега се имаме сретнато со голем број на прочистувачи на воздух, на пазарот се уште немаме ваква двојна комбинација.
Се надевате дека овој производ ќе добие и комерцијална намена?
Да, се надеваме.
Како започна целата ваша бизнис идеја и од каде ја добивте?
Пред се нашата бизнис идеја почнува од проблем. Како што знаеме во едно општество имаме доста проблеми, а најголем проблем што ние го забележавме е загадениот воздух. Затоа ние како тим, пред се како млади активисти, а и идни медицински работници сме загрижени за здравјето на нашата популација, без разлика на нивната возрасна група. Затоа ние како тим решивме да направиме превентивно решение, кое би извршувало доста голема финкција во едно општество. Пред се, нашата идеја започна кога нашата професорка по иновација во нашето училиште нѐ поведе на настан организиран од организацијата „Лид“, под водство на „Апшифт“, каде ние го освоивме првото место и добивме 54.000 денари за спроведување на овој прозивод. Се надеваме дека со тие пари ќе направиме доста производи, со цел да имаме комерцијализација, не само во нашата држава, туку и надвор од неа.
Како што кажав, освоено трето место, какво е чувството и кои се вашите планови за во иднина?
Чувството е одлично. Ние со нашата феноменална идеја решивме да се пријавиме и на овој натпревар, кој беше организиран од страна на Стопанската комора на Република Македонија, каде стручното жири беше од претставници од реномирани компании кои го видоа квалитетот на нашата идеја. На тој натпревар беа вклучени 19 тима, од кои стручното жири одлучи нам да ни ја додели третата награда за која сме посебно горди.
Тука со нас е и професорката Христина Петкоска – Димеска која е ментор на целиот овој проект. Пред сѐ колку сте горда на освоеното трето место на овој натпревар?
Посебно сум горда на успехот на нашите ученици. Иако доаѓаат од здравствената струка, покажаа дека за знаењето, иновативноста и креативноста не постојат граници. Ова е доказ дека доколку на учениците им дадеме знаење, поддршка, простор, тие секогаш ќе нѐ изненадат со своите фантастични идеи.
Ви благодарам на сите за разговорот, се надевам дека наскоро оваа идеја ќе биде преземена од компаниите во Македонија и дека ќе го види светлото на денот, не само во нашата држава, туку овој еколошки производ ќе се произведува и надвор од границите на Македонија.