Денес тука со нас е Андреј Тошески, ученик во СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп, а поводот за денешниот разговор е неговата награда која тој ја освои во Битола на регионалниот натпревар за млади, кои ги презентираа своите бизнис идеи пред Регионалната стопанска комора и пред членови на здружението „Про локал“, кои и го организираа овој натпревар.
Пред сѐ честитки за наградата која ја доби.
Ви благодарам.
За нашите гледачи да кажеме дека оваа награда е добиена за вашата бизнис идеја која ја презентиравте, а тоа е ортоза за скршеници, која би ги заменила класичните гипсени протези кои сега се ставаат и би им помогнала понатаму на пациентите да имаат помалку проблеми, или да имаат полесни движења, а таа ортоза би се правела со помош на 3Д печатач.
Тошески: Иако сум ученик во здравствената струка во СОУ „Ѓорче Петров“ во Прилеп, сепак ми е многу мило што имав шанса да ги искажам своите бизнис идеи во јавноста. Чест и задоволство ми беше што имав шанса да учествувам на вакви 2 натпревари, едниот организиран од Регионалната стопанска комора во Прилеп, во соработка со „Ген вајб“, а другиот во Битола реализиран од Регионалната стопанска комора на Битола во соработка со „Про локал“, каде со одлука на стручната комисија добив награда од 15.000 денари за освоено прво место.
Исто така оваа оригинална идеа мора да потенцираме дека и во Прилеп беше забележана од страна на господинот Бранко Азески од Стопанската комора на Македонија и добивте едно специјално признание за неа.
Тошески: Да, директно ми го врачи претседателот на Стопанската комора на Македонија.
Од каде ја добивте оваа идеја, навистина е оригинална и уникатна?
Тошески: Како ученик во СОУ „Ѓорче Петров“ и практикант во болницата во Прилеп ги увидов проблемите со кои луѓето со скршеници се справуваат секојдневно и решив да го решам тој проблем.
Дали некаде се практикува оваа метода или е комплетно ваша, оригинална?
Тошески: Нештово го немам видено, но и не можам да кажам дека го нема. Ми дојде идеја со која сакав да го решам проблемот со кој лицата со скршеници се справуваат.
Како би функционирало сето тоа 3Д печатење?
Тошески: Започнува со 3Д скенирање на самата рака, нога, екстремитет кој е повреден, потоа имаме изработка на самата ортоза преку 3Д печатење од рециклиран филамент, а потоа како готов производ имаме апликација на самиот екстремитет.
Дали веќе некој од правните субјекти кај на во Прилеп или во Битола ја забележа оваа идеја и понуди истата да се реализира?
Тошески: Дел од стручната комисија во натреварот организиран од Регионалната стопанска комора во Прилеп, во соработка со „Ген вајб“, господинот Игор Ваџов, претседател на „Старт ап Македонија“, ја препозна идејата и ми даде прилика да му испратам 3Д модел, тој да ја изработи и да ми ја достави.
Се надеваш дека истата ќе влезе во едно сериско производство?
Тошески: Се надевам, затоа што идејата е доста добра и функционална.
Ти благодарам за одвоеното време, уште еднаш честитки и сите се надеваме дека ваквите идеи од нашите млади македонски таленти ќе бидат забележани од страна на бизнис секторот, но и од образовните институции во Македонија, дека истите ќе бидат поддржани на секаков план и дека младите во Македонија ќе можат својата иднина да ја планираат тука, а не да ја гледаат во странство како многумина досега.