Викендов започна новото првенство на Македонија во пинг-понг, а ППК „Младост 96“ од Прилеп и оваа сезона настапува во сите натпреварувања и лиги, со екипи во повеќе конкуренции.
Женската екипа со две победи на гостувањето во Кочани и Берово
Во саботата женската екипа на Младост 96 оствари две победи на гостински терен. Најпрво во Кочани, против екипата на „Хепи“, прилепчанки славеа убедливо со 4:0, а потоа во Берово, во неизвесен натпревар, ја совладаа истоимената екипа со 4:3.
За „Младост 96“ настапија Фани Јованоска, Ива Димитриеска, Андреа Гаралоска и Ангела Чавкар, кои со своите настапи донесоа одличен старт на сезоната.
Победа и во Супер лигата
Во неделата, во Супер лигата, „Младост 96“ забележа победа од 4:2 против секогаш незгодната екипа на „Телеком Нец“.
Најсигурен во редовите на Младост 96 беше Ѓоко Јочкоски, кој рутински оствари две победи. По една победа и еден пораз забележаа Андреј Лашкоски и бугарскиот интернационалец Георги Стојанов. Во составот на екипата беа и Давид Јоноски и Трајче Маркоски.
Прволигашки старт за втората екипа
Втората екипа на „Младост 96“ го одигра својот прв натпревар во Првата лига, но претрпе пораз со 4:0 од екипата на „Рисови“ од Скопје.
За „Младост 96“ настапија Благој Ѓорчески, Илија Ѓорчески и Ангела Чавкар, додека поради отсуство не настапи Огнен Илиески.
„Младост 96“ продолжува со настапите во сите лиги и категории, со амбиција за добри резултати и понатамошна афирмација на пинг-понгот во Прилеп.
Следниот турнус од првенството е на 18 октомври.