Во среда и четврток премиера на „Животинска фарма“ од Театарот „Војдан Чернодрински“

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Театарот „Војдан Чернодрински“ при НУЦК „Марко Цепенков“ на 7-ми и 8 – ми октомври 2026г., во среда и четврток, во два термини, од 20.00 часот, на камерната сцена во ЦК „Марко Цепенков“ премиерно ќе ја изведе претставата: „Животинска фарма“ според Џорџ Орвел, во режија на Ќендрим Ријани.

Раководителот на театарот Михајло Миленкоски вели дека „Животинска фарма“ е едно од најпоставуваните дела во светот, дело кое ги спои ансамблот на театарот и режисерот, и дека е четврта премиера годинава, поддржана од Министерството за култура и туризам. Режисерот Ќендрим Ријани, посочува дека благодарение на ансамблот од театарот стигнале до добра премиера.

„Направив претстава каде се изјаснив за сите мои прашања и одговори, кои публиката ќе ги добие, преку еден концепт, кој дава одговор зошто театарот е важен и зошто е неопходен… „Животинска фарма“ е еден од најдраматизираните текстови во светот. Во претставата главна тема ни е уметноста. Се зборува за сите линии, за секоја пора во општеството. Претставата има можност да стане „огледало“ за сите професии, за сите маки, за сите недостигнати целини што луѓето се трудат да ги стигнат. Ваква претстава можеше да се постави само во прилепскиот театар, кој нема театар“, рече режисерот Ријани.

Актерите се задоволни што играат сите заедно, што се во колективна претстава и што соработувале со режисерот, и дека публиката ќе ужива во „Животинска фарма“.

„Безброј пати низ човековата историја се покажало дека дури и најблагородните идеи не успеваат да стигнат до својот зенит кога се поткопани од желбата за моќ и контрола, од лични интереси, или едноставно – од малодушност. Токму така и пропаѓаат. Во тие случаи вистината станува еластична, фактите се предмет на интерпретација, а политичкиот јазик е неопходно средство, бидејќи – како што вели Орвел – тој е така создаден што прави лагите да звучат како вистина. Оваа адаптација на култното дело Животинска фарма ја пренесува Орвеловата приказна во нашиот контекст и се занимава со механизмите на моќта кои го деформираат општеството. Иако некои имиња и околности се променети, системот е добро познат: заедницата повторно верува во оној што зборува најгласно, ветува најмногу и тврди дека дејствува „за наше добро“. Трагедијата е во неспособноста на животните да ја препознаат манипулацијата што се одвива пред нивните очи. Нивната доверба, лојалност и верба во подобра иднина – вредностите што некогаш ги обединиле и им давале надеж – стануваат синџири што ги држат во покорност. Набљудувајќи го сето тоа однадвор, се прашуваме: Зошто не гледаат? Како сè уште паѓаат на истите измами? Ние сакаме да веруваме дека сме поинакви, дека сме единствениот интелигентен вид на планетата, способен за логика, разум и самосвест. А сепак, кога ќе се соочиме со најочигледните замки, се однесуваме токму како животните на фармата. Затоа Животинска фарма и понатаму останува моќна критика на тоталитаризмот, како и силно предупредување за кревкоста на слободата и еднаквостa“, вели драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци