Изложба на фотографии преку кои ќе биде претставена 18-та ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

На трети ноември 2026 г. од 18.00 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков’“ ќе биде отворена изложба на фотографии, преку кои ќе биде претставена 18-та ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“, на која годинава се создадоа вредни монументално скулптури од метал, кои треба да бидат поставени на јавни простори низ градот.

Посетителите ќе имаат можност преку фотографиите да се запознаат со творечкиот процес на работа на годинашните уметници и со делата што ги создадоа.

„Колонијата беше значајна средба на уметници, идеи и современи скулпторски изрази, со една јасна цел, уметноста да излезе од галерискиот простор и да стане дел од секојдневниот живот на заедницата. Создавањето монументални скулптури отвора можност за трајни уметнички интервенции кои го збогатуваат просторот, го градат неговиот идентитет и стануваат дел од колективното сеќавање. Преку непосредната работа и размената на идеи, уметниците го истражуваа односот меѓу материјалот, формата, просторот и времето. Особено ни значи што Ликовната колонија „Марко Цепенков“ е добитник на наградата „3-ти Ноември“ на Општина Прилеп, признание кое го потврдува нејзиното значење и долгогодишниот придонес кон културниот и уметничкиот живот на градот. 18 години опстојува колонијата и преку неа се препознава развојот на современото ликовно творештво. Со 18-тото издание на „Марко Цепенков – Дрен 2026“, продолживме да градиме мост меѓу уметниците, граѓаните и јавниот простор, создавајќи културна вредност која остана и по завршувањето на манифестацијата. Прилеп создава, поддржува и остава трага. Уметноста е дел од нашиот простор, нашиот идентитет и нашето културно наследство“, вели Марјан Стојаноски, координатор на колонијата, при тоа потенцирајќи дека годинава за првпат Општина Прилеп ја поддржа колонијата.

Изложбата, како и колонијата, е поддржана од Министерството за култура и туризам во годишната програма на ЦК „Марко Цепенков“ за 2026 г. во визуелни уметности.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци