Во сабота, 14 ноември, повторно се обединуваме околу една заедничка цел, почист Прилеп и почиста животна средина! Општина Прилеп, во соработка со ЈКП „Комуналец“, јавните претпријатија, образовните институции и голем број општествено одговорни компании, организира голема еко-акција во која се добредојдени сите граѓани кои сакаат да дадат свој придонес.
Ќе се чисти на неколку локации, со посебен фокус на комплексот кај Вештачкото Езеро, излетничкото место кај Селце и локалитетот Маркови Кули. Ќе се интервенира и на повеќе локации со диви депонии, каде што за отстранување на поголемите количини отпад ќе биде вклучена и соодветна механизација.
„Особено значајно е што во акцијата се вклучуваат голем број компании, градските институции, сите основни и средни училишта, јавните претпријатија и сите кои ја препознаваат важноста на личната одговорност кон животната средина.
Ги повикуваме сите сограѓани кои имаат можност и желба да ни се приклучат. Секој човек, секоја рака и секој исчистен простор значат многу кога работиме заедно.
Прилеп не го чистиме само во еден ден. Чист Прилеп бара одговорност секој ден, да не создаваме отпад, да не оставаме зад себе диви депонии и да се грижиме за местата што ни припаѓаат на сите.
Заедно за почист Прилеп!“, велат од Општина Прилеп.
Почетокот на акцијата е во 8:30 часот, со собирање пред ,,Палма шоп”, од каде што организирано волонтерите ќе се упатат кон локациите предвидени за чистење.