Министерството за транспорт и врски заедно со Македонски енергетски ресурси и локалните власти ќе се обидат да изнајдат начини како општините поактивно да се вклучат во исполнувањето на нивните обврски и надминувањето на проблемите со имотно-правните прашања со цел да се забрза процесот на гасификација.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески пред денешната средба со градоначалниците на општините изјави дека целта е секоја општина и домаќинство да биде гасифицирано.
„На денешната средба очекувам да изнајдеме сериозни решенија со цел процесот на гасификација да се одвива побрзо. Главното ветување на Владата е гасификацијата и затоа во Буџетот за 2018 година одвоени се 40 милиони евра за изградба на гасоводниот систем во Македонија“, рече Сугарески.
Директорот на МЕР Благојче Котевски смета дека гасификацијата може да биде успешна само доколку во нејзиниот процес активно се вклучат сите инволвирани страни.
„Нема да дозволиме да се случуваат ситуации како Крива Паланка која е општина каде поминува националниот гасовод, а 20 години не е гасифицирана. Да не се повтори и ситуацијата со Штип каде веќе е стигнат националниот гасовод и имало формирано претпријатие кое требало да се занимава со гасоводот, но новата општинска власт мора да започне од почеток“, истакна Котески.
Со средствата обезбедени во Буџетот за годинава се очекува да бидат изградени 80 километри гасовод. Како одредени проблеми кои се јавуваат при изградбата на гасоводната мрежа се имотно-правните односи при експропријацијата на земјиштето.