Кривични пријави против директори на РЕК Битола и против ЕЛЕМ за загадување на животната средина

Facebook
Twitter
Email
Print

СВР Битола поднесе кривични пријави против неколку поранешни и актуелни директори на РЕК Битола и против АД ЕЛЕМ, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загадување на животната средина и природата“, соопшти МВР.

 

Оттаму информираат дека кривични пријави се поднесени против (И.К.) и (Ј.К.) – поранешни директори на подружница РЕК Битола, против (О.З.) – директор на РЕК Битола и против (З.М.) и (С.А.) – раководители во подружница РЕК Битола поради постоење основи за сомнение сторено кривично дело „соизвршителство“ во врска со „загадување на животната средина и природата.“

 

Имено, по претходна пријава до СВР Битола и Основното јавно обвинителство во Битола, направени се низа проверки при што е констатирано дека пријавените физички лица, со непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, пропуштиле да ги реконструираат постоечките или да постават нови филтри за прашина. Така дозволиле преку работата на РЕК да се пропуштаат штетни честички количински повеќе од 50 милиграми на метар кубен.

 

Исто така, пријавените физички лица дозволиле да се врши отпепелување на одлагалиштето, каде што често се создавале воздушни вртлози од пепел со земја. На тој начин предизвикале пораст на статистичкиот показател на загаденост на воздухот во град Битола, што претставува опасност по здравјето на луѓето.

 

Кривична пријава е поднесена и против АД ЕЛЕМ Скопје поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „загадување на животната средина и природата.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи