Руската амбасада во Скопје преку нејзиниот профил на Твитер денеска реагираше на изјавата на премиерот Зоран Заев, дадена во петокот вечерта, во интервју за ТВ 24, во кое кажа дека „протераниот руски дипломат недозволиво се однесувал во Македонија, дека неколку пати бил предупредуван, но и покрај тоа продолжил со вршење активности за кои не бил акредитиран во земјата и дека таквите докази и биле презентирани на амбасадата на Русија“.
„Намерно или не, Зоран Заев е погрешно информиран. Протерувањето на нашиот дипломат беше изненадување. Никогаш не сме добиле никави предупредувања ниту „докази“ за кои зборува премиерот. И натаму сметаме дека овој чин е неоснован и нанесува штета на руско-македонските односи“, напишаа од Руската амбасада во Скопје на Твитер, за чинот на протерување на рускиот дипломат.
Намерно или не, @Zoran_Zaev е погрешно информиран. Протерувањето на нашиот дипломат беше изненадување. Никогаш не сме добиле никави предупредувања ниту “докази” за кои зборува Премиерот. И понатаму сметаме дека овој чин е неоснован и нанесува штета на руско-македонските односи pic.twitter.com/uoN6ofhPPv
— Посольство России МК (@Russian_Emb_MKD) April 16, 2018
Македонското Министерство за надворешни работи, како што пред 15-тина дена соопшти министерот Никола Димитров, овој чекор го презеде во координација со западните сојузници и како чин на солидарност со Велика Британија за случајот „Скрипал“.