На минатата наша прес-конференција поставивме неколку прашања од областа на образованието, на кои како одговор добивме само краток политички тест, веројатно составен од страна на скапиот ПР тим вработен во Општина Прилеп, преплатен со пари од граѓаните. Рекоа на денешната прес конференција од О.К. на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Градоначалник Илија Јованоски, наместо да се криете зад некреативни и празни соопштенија, треба да одговорите на неколку прашања, затоа што граѓаните го бараат и заслужуваат тоа. Затоа прашуваме повторно.
Кои проекти во изминатите шест месеци се спроведоа во основните и средните училишта во Прилеп? Дали според електронскиот систем за јавни набавки, прилепските училишта имаат постапки за јавни набавки согласно законската процедура? Доколку не е запазена законската процедура, повторно го повикуваме јавното обвинителство да покрене соодветна истрага и да подигне обвиненија со цел утврдување на кривична одговорносткај оние кои се огрешиле пред законот!
Градоначалниче должите одговор и за тоа која е причината околу закаснетото продолжување на мандатите на в.д. директорите. Дали како причина се јавува неможноста да го положат испитот за директори? Дали како причина за закаснувањето се јавува нивната неспособност, или лошата хигиена во училиштата?
Прашуваме повторно, дали се побарани средства од општината за реализација на некаков проект во училиштата и ако се побарани, за каков проект станува збор? Дали некој од директорите доставиле пресметка, премер и некаков предлог проект за училиштата во кои се назначени?
Како за крај повторно ве прашуваме дали презедовте нешто околу срамната физичка пресметка за која зборува целиот град, помеѓу претходна в.д. директорка и актуелна в.д. директорка во едно основно училиште во градов?
Ова се прашањата на кои како градоначалник им должите конкретни одговори на прилепчани, наместо заобиколувања со празни партиски соопштенија. Бидете доблесен и одговорете на истите, како што најавувате во предизборната кампања, отвореност и транспарентност во работењето. Прилепчани бараат одговори и прилепчани заслужуваат многу подобро од ова што вие успеавте да го понудите“