Грција ги испрати писмата до Брисел, се чека ставот на ЕУ

Facebook
Twitter
Email
Print

Сите надежи се вперени во состанокот на Советот на ЕУ за општи работи кој денеска и утре се заседава во Луксембург. Се очекува Коѕијас лично да ги презентира ставовите на Атина за деблокирање на интеграцискиот пат на Македонија.

 

Шефот на грчката дипломатија вчера ги потпиша, а денеска до ЕУ и НАТО ги испрати писмата со кои ќе ги информира дека Грција не се противи на европската и евроатлантска интеграција на Македонија.

 

„Тоа се писма кои велат дека бев известен од другата страна за ратификацијата на Договорот во Собранието и дека врз основа на обврските и предусловите кои ги имамe поставено, земјата може да продолжи напред“, изјави Коѕијас.

 

Тој потенцираше дека за да има напредок „потребен е позитивен договор на Советот за општи работи, а таму постојат тешкотии“, бидејќи има земји што се спротивставуваат во овој момент да се даде датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

 

Македонија има поддршка од германскиот Бундестаг, доби и од холандскиот парламент, а засега единствен скептик во однос на одредување датум за пристапни преговори со ЕУ и натаму останува Франција. Официјален Париз, според грчки медиуми, сметал дека во оваа фаза интеграција на Македонија во НАТО е доволна награда за Скопје, за разлика од Австрија и други земји кои сметаат дека пристапувањето во ЕУ на земји од Западен Балкан кои покажале резултати во решавањето на билатералните спорови е предуслов за мир и развој на поширокиот регион.

 

За Македонија денот Д би можел да биде утре кога на заедничка маса ќе седнат шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската Унија. Доколку не постигнат согласност, последната шанса да се фати летниот воз земјава ќе ја има во четврток и петок кога во Брисел се состануваат лидерите на земјите членки на унијата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи