Седуммината обвинети за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села за време на насилствата во Собранието на 27 април минатата година беа осудени на затворски казни меѓу 10 и пол и 13 и пол години. За делото за кое се товареа во Кривичниот законик се пропишани казни од 5 до 15 години затвор.
„Виновни се бидејќи со умисла се обиделе од живот да го лишат пратеникот Зијадин Села“ рече судијката Славица Андреевска образложувајќи ја пресудата за обидот за убиство на Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села за време на „крвавиот четврток“.
Највисоки казни им беа изречени на обвинетите Никола Војминоски и Александар Јаневски – Тошта кои се осудени на тринаесет и пол односно на тринаесет години затвор.
„Војминовски и Јаневски го извлекле пратеникот Зијадин Села од местото каде што се наоѓале и другите пратениците и им овозможиле на другите обвинети да го тепаат оштетениот. Тоа е услов без кој не можело да биде сторено кривичното дело. Дополнителна тежина на делото му дава и тоа што обвинетите Војминовски и Јаневски делото го сториле против избран функционер кој тогаш бил на своето работно место“, рече судијката Андреевска.
Обвинетиот Кире Ѓерогиевски, за кого судијата потенцираше дека му го задал последниот удар на Села пред Клубот на пратеници, е осуден на 11 години затвор.
Останатите четворица обвинети, Коста Делов, Андреј Мицов, Николче Димитриевски и Оливер Ошавковски се осудени на десет и пол години затвор.
Адвокатите на обвинетите најавија жалби на пресудата.
На изрекувањето на пресудата во судницата не беше присутен пратеникот Зијадин Села.