Со 69 гласа „за“ повторно ратификуван договорот со Грција

Facebook
Twitter
Email
Print

Со 69 гласа „за“, еден воздржан, ниеден против и без присуство на пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Собранието денеска по втор пат го ратификуваше Договорот со Грција.

 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров точка по точка повторно ги објаснуваше аргументите зошто договорот со Грција треба да биде ратификуван од пратениците. За причините на претседателот Ѓорге Иванов за непотпишување на указот за прогласување на законот, Димитров рече дека наводите дека се бришат македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се точни, туку напротив, со договорот тие се зајакнуваат.

 

„Нема веќе да има погрдни имиња, додавки, фиром и слично. Си останува и ќе биде македонски јазик и македонски идентитет“, рече Димитров.

 

Независниот пратеник Ферид Мухиќ, кој гласаше воздржано, рече дека му е чест што е дел од коалиција која почитува различно мислење, а главната критика ја упати до светската јавност и до политичарите кои го подржале барањето на Грција да се промени  уставното име на земја која е членка на Обединетите Нации, што е во спротивност со Повелбата на ОН.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираа седницата поради тоа што не сакале да бидат соучесник и се противеле на актот со кој се предвидува промена на Уставот со цел промена на уставното име.  Генералниот секретар Игор Јанушев на прес-конференција пред Собранието рече дека власта сама си го носи договорот со Грција, кој го нарече капитулантски и дека се него брише зборот Македонија и е штетен по националните интереси на државата. Тој најави кривична пријава против претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев ако ратификацијата биде објавена во Службен весник без потпис на Иванов.

До повторното гласање на законот за ратификација дојде откако претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша указот по првото гласање пред две недели.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи