Здружението за социјални иновации и одржлив развој „РАДАР”, Новинари за човекови права, Првата детска амбасада „Меѓаши” и Зелениот институт, најавија тужба против Македонија пред домашните и меѓународните судови за аерозагадувањето. Рокот за надлежните да преземат конкретни и ефективни мерки е до 23 ноември. Во спротивно, велат тие, ќе ги искористат сите расположливи меѓународни механизми, да ја потсетат државата дека заради непостапување и нерешавање на аерозагадувањето го загрозува основното право на живот.
Тие по повод меѓународниот Ден на толеранција, ја покренаа и петицијата „Нула толеранција за (аеро)загадување и загрозување на животот“, упатувајќи апел до сите граѓани на Македонија да ја потпишат. На неа онлајн се потпишале речиси 1800 граѓани.
Во неа, предлагаат итни мерки кои треба да се воведат без изговор дека нема средства или пак со префрлање на одговорноста помеѓу институциите.
„Државата е гарант за човековите права и во таа насока нека ги организира соодветните институции за имплементација на следните итни мерки кои се безбедни за луѓето:
– Итно третирање на горивата со органски каталитични конвертори (пре/пост согорувачки технологии), на сметка на државата, а посебно за возилата за јавен превоз
– Активирање на скаберите за всисување на прашината, посебно околу градилиштата
– Бесплатен градски автобуски превоз СЕКОЈ ден во текот на следните три месеци
– Субвенционирање на меѓуградскиот автобуски превоз од/до Скопје за намалување на бројот на возила кои влегуваат во Скопје во текот на следните три месеци
– Целосно субвенционирање на автобускиот превоз на релации до Куманово и Тетово кои заедно со Скопје спаѓаат во групата на најзагадени градови, во текот на следните три месеци
– Воведување на 24 часовен зајакнат инспекциски надзор со помош од еколошките инспектори од другите градови во Македонија
– Опремување на инспекциските служби со соодветна опрема за мерење
– Обезбедено вклучување на граѓанскиот сектор во контролата на работата на институциите кои работата на проблемот (аеро)загадување преку формирање на независен систем за мониторинг со што ќе се обезбеди транспарентност и партиципативност при определување на приоритетите
– Итна детекција на загадувачите и нивно јавно објавување“, се споменува во петицијата.
Невладините бараат од премиерот, министрите, пратениците, градоначалниците и советниците да формираат фонд за помош и лекување на децата од заболувања предизвикани од загадувањето, со донирање на дел од платата, односно надоместокот заради неизвршување на работните задачи, во висина од 10-50% во зависност од висината на примањата.
„Ги повикуваме сите претставници на меѓународната заедница кои дојдоа да ни дадат поддршка за референдумот, повторно да не посетат и да ни дадат поддршка во борбата за живот и решавање на аерозагадувањето во Република Македонија“, се вели во петицијата.
Тие во иднина ќе бараат помош од адвокат кој би ги застапувал доброволно и без надомест, во процесот во кој ќе ја тужат државата за огромното загадување на воздухот.
Статистиките покажуваат дека секое второ дете во земјава се соочува со респираторни заболувања. Годишно над 1300 лица умираат поради загадувањето, а само за лекување од последиците, се трошат околу 300 милиони евра.
„Дојдено е клучно време да се притиснат донесувачите на одлуки и факторите кои веројатно во одредени ситуации толерираат големи загадувачи за висок профит – да ни ги спасат животите. Ако веќе децата се во прашање нема консензус – нулта толеранција за загадувачите и нулта толеранција кон корумпираните структури кои за сметка на нашето здравје остваруваа профит,“ порача Драги Змијанац, „Меѓаши“ .
Активистите остро реагираат на средствата одвоени за 2019 година за животна средина од 1.5 милиони евра и намалување на загадувањето со само 0.6 проценти од буџетот.
„Доколку државата смета дека ова стратешки план треба да ги зголеми средствата. Бараме еднаш неделно да ги информираат граѓаните што е преземано .Инспекциските служби веќе не треба само да опоменуваат, туку веднаш да ги затвораат објекти кои се идентификувани како најголеми загадувачи“, рече Гордана Несторовска „ Радар“.
Здружените организации ги повикаа министерствата да ги почитуваат сите протоколи, резолуции и конвенции кои ги имаат потпишано.