Откако повеќе пати беше закажувана и откажувана седницата на која требаше да се гласа за уставни измени, истата е презакажана за утре во 12 часот.
Во текот на денот, премиерот Зоран Заев се обиде да ги убеди пратениците на БЕСА да гласаат за уставни измени, а независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да попуштат пред барањата на Касами, но не успеа.
„Беса е принципиелно поставена за ова прашање, како што се и осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, и се „први кои се за заштита на македонскиот идентитет“. Суштината на Беса е преку формулацијата на македонско /граѓанин на РСМ да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите и сите други во државата ќе бидат македонски. Тоа е суштината. Се изнаоѓаат техничките аспекти за решавање. Секако државјанството е македонско и така и ќе остане. За тоа нема дилема. Беса не бара да се смени идентитетот или слично. Будното око на осумте пратеници токму тоа го прави како и ние и останатите пратеници. Работиме да се изнајде решение за техничките формулации како државјанството за сите да биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија, а сепак, Албанците и другите етнички заедници да не бидат Македонци“, рече Заев
Во меѓувреме премиерот Зоран Заев ќе продолжи со координативните состаноци со БЕСА и со пратеничката група составена од осум пратеници што се одделија и што беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Во меѓувреме, пред Собранието се одржува протест против промена на името во организација на здруженијата „Tврдокорни” и „Македонија блокира“. На протестите од вчера им се приклучи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Се очекува говор да одржи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“, Христијан Мицкоски.