Со Божествена литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-Пелагониски Г. Петар денеска во манастирот Свети Архангел Михаил во најстарата населба Варош се одбележа празникот Источен Петок – Балаклија или кај народот познат и како Голем Петок. Илјадници луѓе Прилеп и околните градови доаѓаат на овој ден тука да се помолат во манастирот, да се напијат и измијат од водата, чиј извор се наоѓа во манастирскиот двор и за која се верува дека е лековита. Лековитата вода извира од под темелите на манастирот.
„Денеска е голем празник, има лековита вода кај во дворот на манастирот. Се измивме од водата, се напивме и си зедовме за дома. Доѓаме тука скоро секоја година“, велат граѓаните коии денеска го посетија манастирот „Свети Архангел Михаил“.
Варошанката Слободанка Ангелеска за Велигден, по трет пат била во Ерусалим за Благодатниот оган. Вели дека чувството е незаменливо, а посебно сакала да денеска да биде во манастирот.
„Посетата за Велигден на светиот Ерусалим е прекрасно, незаменливо чувство на восхит, и на радост и на тага. Ама, денеска сакав да бидам во манастирот „Свети Архангел Михаил“ над Варош. Имам проблем со нозете, ама сето ова не ми е преголем напор, туку голема желба. Јас сум варошанка и од дете паметам дека илјадници посетители на Голем или Источен петок доаѓаат и на манастирот и на гости на жителите на Варош.
Според православната црква овој празник се слави во петокот на Светлата седмица. Во Цариград во V век, во близина на таканаречената „Златна Порта“ постоело место полно со кипариси и чинари, уште одамна посветено на Пресвета Богородица. Во шумичката постоел извор, исто така одамна познат како источник на чуда. Еднаш војникот Лав Маркел минувајќи низ тоа место наишол на беспомошен патник, слеп човек кој кога му дал вода од изворот и го намачкал со калта на очите тој прогледал. Од тој ден изворот се нарекува Животодавен Извор.
„Овој празник е востановен некаде во 5 или 6 век, поради чудата што се направени на местото именувано Балаклија или Булукли крај Цариград. Во крајот на 5 или почетокот на 6 век се случило чудо. Имено, во тоа време царот Лав Велики, наречен Макел, во шумата нашол слеп човек кому сакал да му помогне. откако човекот побарал вода, слушнал глас да влезе подлабоко во шумата и таму се смета, според верувањето и според житијата, дека станува збор за гласот на Мајката Божја која му рекла да нацрпи од матната вода и на болниот да му ги измие очите, а тој прогледал. Лав Велики потоа станал цар и поради настанот изградил храм кој подоцна е доградуван од царот Јустинијан. Во спомен на чудата кои се таму направени, кои и ден-денеска се случувата и се чува источникот или лековитиот извор. Ова се случувало и на други места во православните цркви каде имало лековит изор. така е и со манастирот „Свети Архангел Михаил“ под чии темели има стерна со лековита вода која и денес лекува. Затоа тој култ и до ден денес се одржал. Токму на овој ден се посетува манастирот. Порано имаше уште повеќе посетители, објаснува владиката Петар.
И жителите на најстарата прилепска населба Варош во која се верува дека имало 77 цркви имаат своја традиција. Тие цел ден пречекуваат гости. Портите на домовите се отворени за сите посетители. Варошанецот Трајче Ѓорѓиески, дуќанџија во прилепската чаршија пречекува гости, ама со носталгија се сеќава на поранешните времиња. Оваа традиција е востановена во средниот век кога Варош бил познат со панаѓурите како најголем центар на Балканот.
„Портите се отворени, кој милува може да дојде на гости, да го почестиме. Ама во последните години се намалуваат посетителите. не знам во што е работата. паметам имаше големи прослави, со зурли и тапани и цел ден пречекувавме гости, објаснува Ѓорѓиески.
Празникот Голем Петок на варошани им го честиташе и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, нагласувајжи дека ова е голема традиција која се одржува и треба да продолжи и понатаму.