Кики и Фрики за мене не постојат, објавете ги со име за да може да ве тужат, рече премиерот Заев за псевдонимите поврзани со случајот „Рекет“, за кои според неофицијални информации пласирани во јавноста, се дел од редовите на СДСМ.
„Кога ќе ги соопштите јавно, тогаш ќе може да зборувате за нив, па ако ги знаете, кажете ги, па нека ве тужат за клевета. Кики и Фрики за мене не постојат. Кога сте впуштате во истражувачко новинарство, треба да бидете храбри. Повелете, истакнете го секој, истражните органи ќе ви дадат податоци дали има истраги или не и секако секој ќе си ја сноси одговорноста“, рече премиерот.
Тој апелира за сериозно истражувачко новинарство, бидејќи шпекулациите може да нанесат сериозни штети за честа и угледот на одредени луѓе.
„Јас тоа нема да го дозволам. Не сакам да навлезам во коментари за некои псевдоними. Ќе бидам директен кога ќе се соопштуваат имињата и ако се соопштуваат“, појасни Заев.
Повтори дека власта се залага за бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и дека вчершаната нова декларација на СДСМ не била поврзана само со случајот „Рекет“.