Таблите на спомениците во центарот на Скопје, поставени вчера, не издржаа ниту еден ден. Изутринава можеше да се забележи дека натписите преку кои се акцентира хеленското потекло на личностите претставени со спомениците се искршени, одлепени или пак, украдени.
Таблата на Воинот на коњ е демолирана, а онаа којашто беше прикачена на Филип Втори – ја нема.
На плоштадот „Карпошово востание“ е оштетена и ознаката која беше поставена на споменикот на Олимпија.
Поставувањето на таблите е предвидено со Преспанскиот договор. Тие содржат текст кој наведува дека претставените личности припаѓаат на атничката хеленска историја и култура, што за дел од јавноста е откажување од дел од македонската историја.
По оштетувањето на таблите, од страна на град Скопје најавија засилени инспекции и контроли, како и санирање на штетата.