Фармерите и малите производители ќе можат директно да ги пласираат своите производи до крајниот потрошувач

Фармерите и малите производители ќе можат директно да ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи и нема да зависат од откупувачите, но притоа ќе мора да ги исполнат соодветните хигиенски и безбедносни критериуми пропишани во новиот Правилник за барањата и условите и хигиена за производство и ставање во промет на храна од животинско потекло наменета за директно снабдување, локализирана активност и за примена на традиционалните методи на производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики, кој го промовираше Агенцијата за храна и ветеринарство.

 

Правилникот е донесен во средината на минатиот месец, а ќе почне да се применува од почетокот на септември и има за цел малите производители легално да ги продаваат своите производи за кои ќе ги гарантираат барањата за безбедност на храната.

 

„Фармерите и малите производители сега ќе можат да произведуваат производи од животинско потекло согласно условите што треба да ги исполнат и нема да зависат од откупувачите, бидејќи ќе може да ги пласираат до крајните потрошувачи или да ги понудат во некој маркет. Целта е да се олесни односно да можат директно да ги пласираат своите производи до крајниот потрошувач, но притоа мора да ги задоволат одредените хигиенски критериуми согласно Правилникот“, велат од агенцијата.

 

Со Правилникот се регулира и олеснува ставањето во промет на мали количини производи кои ги произведуваат фармерите, без да се нарушува или доведува во прашање безбедноста на храната и заштитата на здравјето на потрошувачите. Покрај безбедноста, со овој подзаконски акт ќе се воспостави и следливост на оваа категорија производи.

 

Деталното регулирање на ставањето во промет на мали количини производи од животинско потекло како што се месото, млекото и нивните преработки, конзумните јајца и рибата се основа и поддршка и развој на малите производители на храна од животинско потекло, за развој на некои недоволно развиени призводствени региони во земјава и за зачувување на традиционалниот начин на производство на одредени производи.

 

„Новина во Правилникот е можноста за продажба на млекото преку млекомати, за што, производителите ќе треба да ги исполнат највисоките критериуми за безбедност и квалитет. За колење на животните директно на фарма производителите ќе можат да користат услуга од мобилни кланици кои ќе треба да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство. Сега регулирано е и ставањето во промет на месото од дивеч, кое ќе може да се обработи во мали објекти за таа намена, кои ги исполнуваат минималните барања за безбедност на храната“, појаснуваат од Сектор за инспекциски надзор при АХВ.

 

Правилникот дава можност примарните производители на мед сега да го пласираат производот на целата територија на државата. Производите согласно овој правилник треба да бидат означени, односно да ги содржат основните информации за потеклото, производителот, рокот и начинот на чување, со цел да се воспостави лесна следливост на производите.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи