Заменик министерката за финансии, Ширет Елези информираше дека ребаланс на буџетот ќе се случи до крајот на септември или почетокот на октомври.
Во изјава за медиумите Елези рече дека во тек е фазата на преоценување на сите стапки од приходната и расходната страна на Буџетот.
„Ребалансот на Буџетот е редовна пракса што се случува во текот на фискалната година. Се прави преоценување на сите стапки во расходната и приходната страна. Веќе сме во фаза на анализа во овој дел. Ребалансот на Буџетот ќе се лансира најдоцна во последната недела од септември или почетокот на октомври“, истакна Елези, одговарајќи на новинарско прашање по денешното потпишување на договорите со 11 општини за грант средства и заеми преку Проектот за подобрување на општинските услуги.
Премиерот Зоран Заев кој ја врши и функцијата министер за финасии, неодамна изјави дека со ребалансот ќе се издвојат повеќе пари за довршување на проектот гасификација на земјава каде што работите се одвиваат со забрзано темпо и недостигаат пари.