Членовите на Советот на општина Прилеп денеска ја одржаа 30.седница, на која расправаа по две точки од дневниот ред: усвојување на збирниот извештај за проценетата штета на подрачјето на општина Прилеп, настаната со невремето од 24 јуни и 4 јули и давање согласност на ООУ „Добре Јованоски“ за отворање на продолжен престој на учениците.
„Со невремето кое на 24 јуни го зафати Канатларци и околните населени места, зафатени се 642 хектара земјиште со проценета штета од 74 милиони денари. Советот исто така го усвои и извештајот за второто невреме кое што на 4 јули го погоди подрачјето на Тополчани и другите населени места, кое зафати површина од 76 хектари а висината на проценетата штета изнесува околу 6 милиони денари. Советот на општина Прилеп овој извештај ќе го испрати до второстепената владина комисија која на следната седница треба да го усвои извештајот и да изврши обештетување на жителите“, изјави претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски.
На денешната седница, советниците дадоа согласност за отворање на продолжен престој за учениците во ООУ „Добре Јованоски“.