Општина Прилеп денес ги пушти во употреба четирите нови и еколошки автобуси на метан, што претставува за прв пат во Македонија вакви современи автобуси да се употребат во јавниот превоз. Вредноста на целиот проект изнесува 60 милиони денари, а ќе се исплаќа на 4 рати, по 15 милиони денари годишно од општинскиот буџет.
Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски истакна дека покрај еколошката страна на автобусите, многу битен е и финансискиот аспект кој треба да му помогне на јавното претпријатие кое се грижи за јавниот превоз во Прилеп да застане на здрави нозе.
„Денес како градоначалник на општина Прилеп сум посебно среќен и задоволен и возбуден малку затоа што за прв пат не само во нашиот град, туку и во нашата држава воведуваме нови автобуси на метан, кои што за среќа први во Македонија го направи нашата општина. Современи, модерни, со најдобри стандарди, еуро 6, како што доликува на едно модерно општество каде што се стремиме сите ние да одиме.
Овие автобуси што ги набавивме ќе бидат од корист на нашите граѓани, не само што се нови, туку и затоа што се еколошки, ќе користат метан. Едно метанот што е како еколошки дел за зачувување на животната средина, туку е и повеќе од дупло поефтин од нафтата што ја трошат сегашните автобуси. Да кажам од прилика колку е тоа, ако еден автобус на нафта во текот на денот троши околу 100 евра, овие нови автобуси на метан ќе трошат околу 40 евра во текот на денот.
Не само тоа, она што го направивме од менаџерски аспект, што ќе биде подобро за јавното претпријатие за превоз на патници во нашиот град, овие 4 автобуси ги зедовме сега, а плативме само еден, а во наредните три години ќе се отплаќа по еден автобус. Тоа е добро, без кредит, без камата и без никакви додатни трошоци. Мислам дека ова е добар чекор за нашето јавно претпријатие, кое со загубите што ги има во овој момент и субвенционирањето што го има од Општината, во идниот период ќе нема потреба од тоа, затоа што далеку ќе се намалат трошоците, како за резервни делови за што досега се трошеа преку 10 милиони денари годишно, и поефтиниот метан.
Уште еднаш сакам да им се заблагодарам на сите наши граѓани, да им честитам за ова што го направивме за прв пат во нашиот град и нашата држава, да користиме јавен превоз, најефтин и најеколошки“, рече Јованоски.
Раководителката на јавното претпријатие за Просторно и урбанистичко планирање, Марија Цветаноска најави отворање на нова линија во градскиот превоз во Прилеп за граѓаните на населба Вишне.
„Благодарност на општина Прилеп за издвоените финансиски средства од буџетот на општината за набавка на четирите нови нископодни автобуси на метан од страна на јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање. Граѓаните на Прилеп конечно добиваат градски превоз каков што заслужуваат, редовен, комфорен, навремен и со ова се надеваме дека конечно јавното претпријатие ќе излезе од лошата финансиска состојба во која што се наоѓа веќе подолг период.
Да напоменам уште нешто, наскоро воведуваме нова 4 линија на градскиот превоз во населбата Вишне, по барање на граѓаните од тој дел на градот.
За лицата со посебни потреби постои место во автобусите за инвалидска количка и рампа за пристап на истите“, кажа Цветаноска.
На пуштањето на новите автобуси присуствуваше и премиерот Зоран Заев кој рече дека набавката на овие автобуси испраќа порака до сите за важноста на еколошките вредности и здравјето на граѓаните.
„Јас сум овде присутен да ја споделам среќата со прилепчани. Секогаш кога се реализираат вака значајни проекти за здравјето на граѓаните, за еколошки сообраќај, за почиста животна средина треба да бидеме сите присутни, затоа што тоа е за поздравување. Екологијата е важна работа во државата и овие 4 нови автобуси навистина Прилеп ќе го направат поеколошки град, знаејќи дека преку тоа го штитиме здравјето на граѓаните. Сакам да им честитам на сите во Општината кои управуваат со општинските пари за оваа сериозна инвестиција, многу важна, која покрај тоа што овозможува еколошки транспорт на граѓаните од една дестинација до друга низ Прилеп, секако ја испраќа пораката до сите нас, до целата држава за еколошките вредности, за важноста на здравјето на граѓаните за кое треба да бидеме посветени сите ние“, рече Заев.
Овој викенд, со цел промоција на новите автобуси, градскиот превоз во Прилеп ќе биде бесплатен.