Премиерот Заев денес истакна дека во тек е изработка на тендерска документација за избор на компанија, преку која ќе продолжи изградбата на експресниот пат Прилеп – Градско, која е прекината поради раскинувањето на договорот со шпанската фирма „Рубау“ во 2016 година.
„Знаете дека договорот со фирмата уште во 2016 година е раскинат. Веднаш се повикани луѓе за арбитража, но се подготвува тендерската документација за избор на нова компанија. Очекуваме во законскиот рок да бидат завршени постапките и веднаш да се продолжи таму каде што е застанато, затоа што навистина ова е една од најважните трансферзали, кој што буквално ја преполовува нашата земја. Важна е за туризмот во Охрид, важна е за Прилеп, Битола, Ресен, цела Пелагонија, за сите градови и села. Во буџетот има определено средства за оваа делница, веруваме дека многу наскоро ќе ги видиме машините и механизацијата како работат на делницата“, рече Заев.
Експресниот пат Прилеп – Градско се гради во три фази. Првата беше Градско-Дреново во должина од 16 километри, втората е од Фариш- Дреново во должина од 10 километри, а третата од Прилеп до Ленишки Мост и изградба на трета лента на делницата од селото Беловодица до каменоломот во должина од 7,5 километри. Целиот пат од вкупно 33,5 километри е во вредност од близу 63 милиона евра.
Од самиот почеток изградбата на патот се соочи со големи проблеми поради експропријација на земјоделско земјиште што се наоѓа на трасата каде што треба да поминува експресниот пат.