Продолжува трендот на намалување на новороденчиња во државава. Во вториот квартал годинава се евидентирани 4.693 живородени деца, или за 10,6 проценти помалку споредено со истиот период лани.
Според податоците на Државниот завод за статистика паралелно се зголемува и бројот на починати лица. Во периодот април – јуни 2019 година починале 4.928 лица, односно за 7,3 отсто повеќе во споредба со идентичниот период лани.
„Природниот прираст изнесува – 235, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца споредено со бројот на умрените лица“, се вели во соопштението на Државниот завод за статистика.
Бројот на склучените бракови во второто тримесечје од годината е намален за 4,8 проценти во споредба со истиот период од минатата година и изнесува 3.247 бракови. Во ова тримесечје пак, добиени се 439 извештаи за разведени бракови.