Одлуката за недобивање датум е пораз на политиките на Заев и оваа власт, навлезена во криминал и корупција, рече во обраќањето лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ова не е последица само на една пограшена одлука, туку на перманентни грешки за кои предупредувавме во континуитет“, истакна Мицкоски додавајќи дека тоа сега го испорачува цехот, а штетата е веќе направена.
Мицкоски рече Зоран Заев требало многу порано да си поднесе оставка од функцијата, и да стане историја како најнеуспешен премиер во Македонија. Според него не само што Заев не ја доближил земјата кон ЕУ, туку и разнишани се и позициите со недобивањето датум за почеток на преговори, иако самиот тој ги најавил неколкупати.
„Нема датум оти нема реформи, а имаме систем на распаѓање и власт која не испорачува правда. Не е Франција виновник, од Франција треба да земеме пример како треба да се однесуваме како општество. Но, со политичари како Зоран Заев тоа ќе биде невозможна мисија“, кажа Мицкоски.
Според претседателот на ВМРО-ДПНМЕ, народот посакува предвремени парламентарни избори за да се надмине кризата и оваа, како што кажа, неодржлива ситуација.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи план консултирајќи експерти за соодветни реформи. Реформи што ќе значат крупни чекори во иднина. Го имаме решението за равенката како Македонија да се направи современа и модерна држава“, порача лидерот на опозициската партија додавајќи дека актуелната власт имала шанса да испорача резултати, но дала само ветувања, кои не постојат.
Мицкоски рече дека ја прифатил поканата за лидерска средба во недела кај претседателот Стево Пендаровски.