Учесниците во проектот „Финансиски и претприемачки вештини за активно граѓанство“, кој што е дел од програмата на Еразмус +, финансиран од ЕУ и Европската комисија преку Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност, денеска ја посетија Општина Прилеп.
Станува збор за професори од Унгарија, Литванија, Шпанија, Италија, Хрватска и Македонија, чиј домаќин е СОЕПТУ „Кузман Јосифоски – Питу“.
Посакувајќи им добредојде и пријатен престој во Прилеп, градоначалникот Илија Јованоски ги информираше гостите за можностите кои им ги нуди градот под Марковите кули, со цел да се запознаат со неговото културно-историско и природно наследство. Истовремено, градоначалникот потенцираше дека Општина Прилеп е дел од проект на Еразмус + програмата.
„Во месец ноември ќе потпишеме четирипартитен договор од програмата Еразмус + и тоа помеѓу: Општина Прилеп, Архитектонскиот факултет од Американ Колеџ, Институтот за архитектура од Виена и Институтот за архитектура од Рим, Италија. Потпишаниот договор ќе значи давање планска документација, урбанистичко решение и планирање на град Прилеп за наредните 50 години. Тоа е една студија, програма која ќе се направи за наредните генерации, бе разлика кој ќе биде градоначалник и која политичка провиниенција ќе биде на власт, да има основа за урбанистичкото решение за нашиот град“, посочи градоначалникот Јованоски.
„Нашиот училишен центар „Кузман Јосифоски – Питу“ ќе биде домаќин на гостите кои ни доаѓаат од шест држави, вклучувајќи ја и Македонија. Гостите доаѓаат од партнерски училишта преку проект добиен од програмата на Ерасмус +, а во кој се вклучени шест држави: Македонија, Италија, Унгарија, Шпанија, Литванија и Хрватска. Нашиот училишен центар покрај овој проект има добиено и нови четири проекти, од кои два се координатори добиени од нашата национална агенција и два се партнерски проекти. Односно, ние сме партнери во проектите добиени преку други национални агенции од Полска и од Австрија“, посочи директорката на СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“, Билјана Марковска.
Целта на проектот е учениците да го согледаат светот на парите, економијата и финансиите, поттик за претприемништво и развивање на претприемачкиот дух, да ги развијат своите знаења, ставови, вештини и способности за работа со пари, финансии, буџет и буџетирање.