Огромните надоместоци за обвинителите на СЈО под лупа на Обвинителство и Антикорупциска

Facebook
Twitter
Email
Print

Не стивнуваат реакциите во јавноста, откако на владината алатка „Отворени финансии“ беше објавена и висината на бонусите и додатоците кои ги земале обвинителите од СЈО. Катица Јанева земала 157.000 евра додаток на својата плата. Само оваа година, си доделувала по 250.000 денари плус месечно.

 

Државниот обвинител Љубомир Јовески најави дека Јавното обвинителство ќе истражува дали обвинителите од СЈО и нивната поранешна шефица Катица Јанева незаконски земале илјадници евра како додатоци.

 

„Обвинителството ќе ги испита сите околности и правно релевантни факти за исплата на платите и додатоците и доколку се утврди дека има основано сомнение за извршено кривично дело ќе се постапи согласно Законот“, велат оттаму и потсетуваат дека сѐ додека не беше објавена алатката „Отворени финансии“ висината на надоместоците и начинот на кој се пресметувале и тие и платите биле недостапни за јавноста.

 

Дополнителните приходи на обвинителите од работењето во СЈО ќе се најдат под лупа и на Државната комисија за спречување на корупцијата, од каде велат дека го следат случајот, но засега нема оформено предмет.

 

„Членовите на антикорупциската комисија првин на колегиум ќе го анализираат случајот. Со оглед дека и други институции најавиа истрага за сумите кои СЈО ги исплаќало на обвинителите, ќе почекаме да ги видиме резултатите од тие истраги па дури потоа ќе одлучиме дали комисијата ќе отвори предмет. И во тој случај, ние ќе бараме информации од институциите кои се надлежни за финансиското работење, како што се Управата за финансова полиција и Државниот завод за ревизија“, велат од антикорупциска.

 

Премиерот Зоран Заев, пак, денеска изјави дека не треба да им се верува на шпекулациите, туку информациите треба да ги дадат самите обвинители кои работеле таму и институцијата СЈО, која според закон сѐ уште постои. Како што кажа, нема да дозволи да се фрли негативно петно врз јавните обвинители.

 

„Ве молам во името на професионализмот да ги побарате информациите во делот на самата институција, таму можат да ви дадат директни и точни информацции. Ако побарате, јавните обвинители ќе ви дадат изјава, веројатно и таму службата која постои исто може да даде информации“, рече Заев.

 

Покрај Катица Јанева која земала 157.000 евра,  во јавноста излегоа и информации и пресметки и за други обвинители. Елизабета Јосифовска зела 107 илјади евра, додека Фатиме Фетаи, Бурим Рустеми, Лиле Стефанова, Трајче Пеливанов, Гаврил Бубевски и Ленче Ристовска зеле помеѓу 80 и 93 илјади евра.

 

Но покрај обвинителите, и вработените во СЈО добивале додатоци, па така СЈО, надвор од редовната плата, исплатило хонорари од 20.000 евра за ќерка му на Есад Рахиќ (Берниса Рахиќ, вработена како службеник во СЈО), а 14.000 евра за ќерка му на Сашо Василевски (Марија, вработена како правник), кој беше екс директор на МЕПСО.

 

СЈО годишно располагаше со околу 3,7 милиони евра. Во членот 14 од законот за СЈО стои дека специјалните обвинители имаат право на додаток за постоење висок ризик и додаток на доверливост, но нема одредница колкав ќе биде бонусот.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи