Мариовци денеска одржаа втор протестен собир поради уништениот патен правец Прилеп-Витолиште, долг 50-тина км., a кој претставува единствената врска на Мариово со светот. Со години барале помош за патот, но ниту една власт не сакала да ги слушне. Министерот за транспорт Сугарески денеска само кратко одговори дека патот бил ставен во програма за нарeдна година, но без да каже никакви рокови и детали. Мариовци бараат итна реакција на државата, a не како што велат празни ветувања. Денеска на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ се собраа голем број сегашни и поранешнии жители на Мариово, како и голем број поддржувачи и посетители на овој крај.
„Ние би верувале само доколку има црно на бело. Кој од вас верува на збор? На никого не можеме да веруваме. Дали е тоа обичен човек, дали е премиер, министер, претседател, сите тие се подложни на лаги. Ние овде не се исконструисани од никоја партија. Ние сме од Мариово. Јас конкретно живеам во Крушевица, на околу 30 км. од тука. Искрено да ви кажам патот е за Гинисова книга за рекорди со дупки“, кажа Павле Трајаноски, жител на Мариово.
„Почнува и жртви да има на патот, најмалку 3 има со тешки повреди, со скршени черепи, скршени вилици, скршени клучни коски, велосипедџии. Тој пат е особено атрактивен за спортски активности со велосипеди и мотори и еве да слушнат сите надлежните и прашање на време е само кога ќе стане нешто катастрофално. Треба под итно дури и во зимски услови тоа да го направат основно да го обезбедат патот, според она што е законска обврска. Законска обврска нивна е да го одржуваат патот во кондииција безбедна за возење“, изјави Тренчо Димитриоски, жител на Мариово.
„Она е катастрофа од нашите колеги има паднато 5 мина досега и тоа само од дупките кои се како бунари. Катастрофа е она. Не можеме да возиме нагоре, а не пак надолу со брзина од 60 или 70 км. на час“, додаде Таљат Маџуни, чест посетител на Мариово.