Во Крушево вчера (21.02.2020) се одржа манифестација за одбележување на Меѓународниот ден на мајчините јазици, на која покрај претседателот на Совет на општина Крушево Тома Петроски присуствуваа и националниот координатор за култура Роберт Алаѓозоски, заменик министерот за политички систем Неџад Мехмедовиќ и директорката на Управата за развој и унапредување на образованието на припадниците на заедниците Славица Тодорова.
На настанот свое обраќање имаа погоре наведените претставници од институции кои испратија пораки за заедничко негување на различностите, а претседателот на советот истакна дека Крушево било и ќе остане пример за заеднички живот на повеќе заедници.
„Во годините наназад Крушево претставува пример за соживот, меѓусебно разбирање, толеранција и почитување. Како тријазична општина опстојува со векови и јазичните различности кои ги имаме и ги негуваме се всушност мостот меѓу различни етникуми кои тука живеат. Нашето Крушево, а и нашата држава се изградени на мултиетничка основа, на основа на народи и луѓе кои зборуваат различни јазици, но секој од нас е домаќин на нашето инклузивно општество.“, рече претседателот Тома Петроски.
На приредбата подготвена од неколку училишта беа претставени музички и литературни точки на македонски, албански, босански, српски, ромски и други јазици. Настанот заврши со коктел подготвен од страна на учениците од СОУ „Наум Наумовски Борче“.