Започна реконструкцијата на постоечкиот пат Прилеп – Скопје во делот помеѓу Дреново и Фариш во должина од околу 10 км. Делницата е широка 6,7 метри и е во катастрофална состојба. Се планира да биде готова до крајот март.
„Овој пат беше во многу лоша состојба, тоа го знаат сите граѓани кои што движат по овој пат, така да сметаме дека во најмала рака ќе ублажиме дел од она, бидејќи очекуваме во овој период да продолжи изградбата на ексресниот пат од Градско до Прилеп, така да ќе направиме одредено ублажување на тие состојби“, рече Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.
Кон крајот на март се планира објавување на тендерот и за реконструкција на патот од Фариш до Прилеп во должина од 19 км. Освен рехабилитацијата се планира и изградба на трета лента онаму каде што таа не е изградена.
„Од Фариш до Прилеп, секаде каде што се трите ленти, тој дел комплетно во цела ширина и во цела должина ќе биде рехабилитиран. Исто така, преку ИПА ќе излезе сега тендерот во март месец, ќе биде секаде каде што се двете ленти проширени на три ленти и рехабилитирани“, додаде Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.
Изградбата пак на експресниот пат од Фариш до Дреново и стопирана откако Владата го раскина договорот со шпанската Рубау. За овој дел се очекува нов тендер да биде распишан во април. А делницата на експресниот пат од Градско до Дреново се градела без проблем. Бизнис секторот од Прилеп минатиот месец побара итно автопатско поврзување на Пелагонија со Скопје поради запоставеноста на овој регион веќе 27 години и празните ветувања на политичарите пред секои избори.