ВИДЕО – Од денеска полициска контрола на возилата кои влегуваат во Прилеп поради корона вирусот

Поради корона вирусот од денеска па се до понеделник полицијата врши контрола на возилата кои влегуваат во Прилеп од општините Кривогаштани, Долнени и Пласница. Оваа одлука ја донесе синоќа Регионалниот Кризен штаб бидејќи се претпоставува дека во овие општини има голем број граѓани кои се вратиле од високоричните европски земји, особено Италија, кои неконтролирано се движат низ Прилеп, што претставува потенцијална опасност за ширење на вирусот. Доколку се утврди дека лицето било надвор од државата и вратено деновиве полицијата не треба да го пушти во Прилеп. Но иако контролата требаше да се врши од раните утрински часови, полицијата истата ја започна дури во 11 часот.

 

 

„Како безбедносна контрола на овие граѓани сметам дека ќе донесе плод и ќе се намали опасноста за инфекција или за можност за доаѓање на тие граѓани во контакт со нашите граѓани од нашиот град. Како превентива мислам дека тој заклучок е добар“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Дел од граѓаните на Прилеп пак се прашуваат што може во случајов да направи полицијата со вакви контроли и зошто воошто им се дозволило влез во Македонија без никаква контрола на луѓе кои доаѓаат од високо ризични земји. Жителите од селата кои беа стопирани и контролирани велат дека не се плашат од Ковид 19.

 

„Во Лажани деновиве нема вратено наши сограѓани од странство“, рече еден жител на с. Лажани.

 

„Никој се нема вратено кај нас и не се плашам“, вели жител на с. Долнени.

 

„Двајца се имаат вратено, пред една недела, брат ми и уште еден. Брат ми не беше ниту во самоизолација, ниту пак беше на лекар“, кажа трет жител на с. Браилово.

 

Кризбиот штаб донесе и одлука да се направи епидемиолошка анкета на сите сомнителни случаи кои доаѓаат од средно и високо ризичките држави. Граѓаните кои доаѓаат од овие држави мора да се јават во Центарот за јавно здравје и ако имаат одредени симптоми ќе им биде земен брис и ќе бидат ставени во изолација се до добивањето на резултатите. Ако се полесни случаи домашна изолација, ако се потешки ќе се сместат во оваа специјална просторија во инфективното одделение во Прилеп.

 

„ЈЗУ Општа Болница Прилеп има комплет средтсва за заштита од корона вирусот. Имаме над 2.000 маски, имаме заштитни одела во случај да имаме потреба да се контактира со заболени лица од корона вирус. Имаме специјални наочари и визири“, изјави Драган Богоески, директор на Општа Болница Прилеп.

 

Инаку прилепчани ги почитуват сите препораки на Владата и до овој момент во Прилеп нема заболени од корона вирусот.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи