Утре 19 март, во периодот од 5,00 часот наутро и во текот на денот, комуналците ќе вршат перење и дезинфекција во центарот на градот на плоштадите, патеките, клупите корпите за отпадоци и зидовите на жардењерите, во соработка со Кризниот штаб од Општина Прилеп.
Со оглед на непредвидливоста од времетраењето на чистењето и дезинфицирањето, се замолуваат граѓаните кои ќе имаат потреба од движење во центарот на градот, да внимаваат кога се движат, со цел да овозможат фронт за работа на комуналните работници, како не би се создавале нервози и кај вработените од Комуналец, но и кај граѓаните кои имаат итни и неодложни потреби.
Деновиве „Комуналец“ секојдневно со цистерна врши чистење на улиците, а со проширување на оперативниот план ќе се опфатат поголем број на улици од вообичаеното.
Денеска, по иницијатива на Кризниот штаб со кој раководи градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, во акцијата за зголемени мерки и обем на чистота на улиците, со свои возила и работна сила се вклучија Територијалната противпожарна единица и Јавното комунално претпријатие ,„Водовод и канализација“.
Воедно, се чистат и парковите, иако тие се многу ретко посетени деновиве, со оглед на препораките да се остане во домовите и да се придонесе во борбата за сузбивање на вирусот Ковид-19.