ВИДЕО – Од денес 135 прилепчани во самоизолација и 3 нови кривични пријави, градоначалникот апелира на поголема одговорност и седење дома

ИЗВОР : СИТЕЛ

Во вчерашниот ден имаше 76 луѓе во самоизолација во Прилеп, но поради непочитувањето токму на тие мерки за самоизолација 4 прилепчани заработија кривични пријави. Сите тие 76 луѓе кои до вчера беа во изолација не значи дека се заболени од корона вирусот, туку дека се вратени во Прилеп од странство и според мерките мора да бидат во својот дом во наредните 14 дена за да се види како ќе се одвива нивната состојба.

 

 

Градоначалник оваа информација предизвика можеби мала паника кај прилепчани на социјалните мрежи. Колкава е денес таа бројка на самоизолација и дали е зголемен тој број?

 

Ги преземаме сите предострожности, сите мерки кои ги спроведе Владата и Министерството за здравство, локални мерки што ги презеде Општината, она што му го предложив на Советот на Општина Прилеп. Со сообраќајната полиција се договоривме да врши надзор и мерки, рутински контроли на сите оние што влегуваат од другите градови, посебно од ризичните општини Долнени и Пласница, каде што неконтролирано доаѓаат граѓани од ризичните земји, како што кажавте Франција, Германија и Италија. Мислам дека тоа сигурно вроди со плод. Само да напомнам дека овој број што го спомнавте за самоиизолација вчера беше 76, денес имаме 135 кои што се во самоизолација и за жал некои од тие граѓани се несовесни и го напуштаат својот дом неконтролирано, па затоа МВР поднесе уште 3 кривични пријави, така да сега има против 7 мина поднесено кривични пријави за нивното несовесно однесување, затоа што тоа е основниот начин за да се заштитиме себе си и да се заштити комплет населението.

 

Дали ќе има построги контроли кон овие лица кои што се во самоизолација? Премиерот вчера во интервју најави дека доколку не се почитуваат тие мерки, веднаш од самоизолација одат директно во карантин.

 

Точно така, тоа мора и да се случи. Посебно апелирам до сите граѓани кои што се во самоизолација да ги почитуваат мерките, да не излегуваат, да не дојде до посериозни мерки да се применат, директно да ги стават во карантин, а не во самоизолација. Мислам дека тоа граѓаните во Прилеп сепак го почитуваат и јас сум среќен што сеуште во Прилеп нема заразено ниту еден граѓанин со корона вирусот. Се надевам дека, колку време ќе помине не знам, ама да не одмине овој вирус од кој цела планета е зафатена и убеден сум дека на крај сигурно ќе бидеме ние како победници. Ако ги почитуваме сите овие мерки, ако се придржуваме до она што го кажа Владата, ако граѓаните се придржуваат до она што го кажа локалната самоуправа, ако ги следат вашите прилози, вашите мерки, укажувања итн.

 

Вчера имавме една интересна иницијатива која потекна од приватниот сектор, а тоа е изработка на бесплатни заштитни маски, кои знаеме дека сe во дефицит моментално, не само во Прилеп туку и на целата планета, затоа што има огромна побарувачка. Како ќе се распределуваат тие маски и дали ќе има доволно за сите граѓани, тоа е едно прашање кое сите си го поставуваат?

 

Да потенцирам дека се уште има општествено одговорни граѓани во нашиот град и стопанственици како што е лицето Горан Илиески, кој што завчера дојде кај мене и ми кажа за неговата иницијатива, за неговата желба, неговата можност да шие маски со кои ќе ги заштитиме нашите граѓани. Не можеме сите наеднаш, но сукцесивно, постапно, вчера почнавме со 1.000 маски, денес ќе има околу 2.000 маски. Да напомнам дека сите граѓани сукцесивно ќе бидат збринети со овие заштитни маски, затоа што капацитетот е доволен на оваа фирма која што ќе ги прави овие маски. 1.000 маски што беа вчера направени сите тие ги стерилизиравме во Општата болница Прилеп и денес се делат прво на медицинскиот персонал од примарната здравствена заштита. Сите општи лекари со својот тим, медицински сестри, стоматолози со своите асистенти, за сите ќе се поделат овие заштитни маски, на сите тимови од примарната здравствена заштита. Како што кажав тие се најизложени и медицинскиот персонал не смееме ниту да го запоставуваме, ниту да го оставиме на крај. Затоа денес почнуваме со нив, а понатаму продолжуваме со сите вработени во јавните претпријатија, како што се пред се Комуналец, каде работниците се изложени во надворешни услови, во шалтери. Исто така и јавното претпријатие за Водовод и канализација во нашиот град. Така да понатаму и сите труди институции во градот ќе бидат сукцесивно снабдени со овие маски. Јас уште еднаш сакам да изразам благодарност за овие општествено одговорни граѓани и овој стопанственик што го направија ова за нашиот град и убеден сум дека овој пример ќе го почитуваат и другите во нашата држава.

 

Се изврши и комплетна дезинфекција на централното градско подрачје, улиците, плоштадот, влезовите на здравствените установи, но и влезовите на самиот град, дали продолжувате со овие мерки ?

 

Тоа го направивме професионално, имавме компанија од Битола која ни ги даде средствата за дезинфекција. Сите влезови во градот ги дезинфициравме, плоштадите, тротоарите во нашиот град. Исто така направивме дезинфекција на сите градинки, основни и средни училишта, домот за стари лица и мислам дека понатаму тоа ќе го правиме перманентно и редовно, се со цел превентивна заштита на сите граѓани во нашиот град.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи