Во овој момент компанијата Комфи Ангел произведува 2 различни типови на заштитни маски. Манаџерката и сопственик Ирена Јакимоска денеска истакна дека капацитетите за месечно рачно производство на маските, со дополнување на одреден технички и технолошки материјал кој што го имале во моментот бил 200.000 парчиња на месечно ниво. Но сега порачале машина за производство на маски и за околу 2 недели Комфи Ангел ќе можел да произведува 1 милион парчиња месечно.
„Меѓутоа ова се маски кои се рачно изработени, не се сертифицирани и се со материјал кој ние го имаме во моментот на лагер. За вакво производство на маски имаме поголемо количество на материјал кој може да ни одговори. Истиот тој материјал го користиме и за друг тип на производ, кој ќе ни биде неопходен во понатамошното функционирање, а тоа се скафандерите. Денеска донесовме уште еден заклучок, дека во моментот можеме да произведуваме уште два типови на производи кои ќе можат да им помогнат на сите медицински лица во овој момент. Имено, донесовме став и одлука дека треба преструктуирање и одреден дел на производството, кој ќе се фокусира само на потребите на нашата популација и на потребите на медицинските центри и лица во нашата земја, а секако доколу постои простор, ние како земја би помогнале во регионот.
Она што е уште подобро како сознание по скоро цел викенд работа, е дека за недела и пол почнуваме нов процес на производство. Имено платена е нова машина, се инвестира во нов машински парк кој ќе ни овозможи автоматско производство на маски. Испорачана е поголема количина на сертифициран медицински материјал, кој е специјализиран само за производство на маски и фактички компанијата Комфи Ангел, за недела и половина до две, ќе биде во можност во процес на производство, официјално и сертифицирано да произведува професионални маски со месечен капацитет од 1 милион парчиња.
Тој приоритет секогаш ќе биде да се задоволат потребите на македонските здравствени институции и на македонските компании. Дополнително, доколку сметаме дека капацитетите ни овозможуваат да произведуваме поголема количина, секако дека во соработка со кризните штабови на централно ниво, ќе одлучиме во која земја би можеле да извезуваме од тие маски, официјално и со сертификат, со документ, со цел да може да настане некоја евентуална размена на некој тип на производ кој пак нас ни е неопходен во нашата земја и ни недостасува во овој момент“, истакна Јакимоска.