Во исклучително тежок момент за нашата држава, за Европа и светот, денес од Брисел ни пристигна убава и долгоочекувана вест – Република Северна Македонија, ги започнува преговорите за членство во Европската Унија, истакна на пресконференција, премиерот Оливер Спасовски.
„Нашата држава треба во најбрз можен рок да ги започне преговорите. Тоа е победа за истрајноста, капацитетите и политичката волја на нашите владата, собранието, судството да ги спроведат реформите. Од денес ова го верификуваа и државите членки на ЕУ. Денешното признание е резултат на тешките политички одлуки кои ги донесе владата. Без договорот од Преспа и без договорот за добрососеседство со Бугарија ова немаше да се случи. Овој успех е крај на нашето чекање од 15 години. Денеска можеме да бидеме горди оти чекањето заврши. Нашата перспектива е во ЕУ. Точка од која враќање назад нема. Во наредниот период ќе поминуваме низ трансформација. Ова е повеќе од заслужен успех. Со оваа одлука се исправа стратегиската грешка од октомври, 2019 година. Да се радуваме на овој успех сите, сите политички партии. Да се радуваме и да се вратиме во реалноста и да продолжиме со уште една битка, битка со короната. Ни треба сплотеност и дисциплина“, истакна Спасовски.
Техничкиот премиер им се заблагодари и на институциите на ЕУ и на државите членки за, како што рече, исправната одлука којашто денеска ја усогласиле.