Според најновите информации на Министерството за здравство во изминатите 24 часа се регистрирани 29 нови случаи на корона вирус во Македонија. Од нив 20 се во Скопје, по 3 лица во Куманово и Велес, во Дебар има еден новозаразен, а за прв пат корона вирусот денеска е регистриран и кај 2 лица од Прилеп. Станува збор за двајца сопружници кои се над 60 години и кои итно префрлени на Инфективната клиника во Скопје.
Од Центарот за јавно здравје од Прилеп велат дека во овој момент се правземаат сите потребни мерки и протоколи и се контактирало со сите граѓани со кои заразените со Ковид 19 имале средби и некаков контакт. Се очекува во текот на денот Кризниот штаб на Општина Прилеп да одржи седница, а изјава за медиумите ќе дадат и надлежните органи.
Во Прилеп во овој момент 176 лица се во самоизолација. А синоќа 2 лица заработиле кривични пријави поради нарушување на полицискиот час.
Кога ќе се сумираат резултатите вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 во Македонија денеска до 12.00 часот изнесува 177 лица. Гледано по градови најмногу заразени има во Скопје – 108 лица, потоа е Дебар со 41 лице, но и една жртва, Куманово со 11 заболени и една жртва, во Штип има 7 мина заразени, Велес тројца, во Кавадарци, Прилеп и Охрид има по два регистрирани слуачи на коронавирс и еден во Гостивар.